Квалификации за ЕП: Македонија ја совлада Хрватска!
18 ноември 2007
Фудбалската репрезентација на Германија, која веќе го обезбеди учеството на Европското првенство наредната година во Австрија и Швајцарија, синоќа во натпревар од претпоследното коло на квалификациите го победи Кипар со 4 спрема 0. Централна личност на средбата одиграна на преполниот стадион во Хановер беше Лукас Подолски кој постигна еден, е подготви два гола. Други стрелци беа Фриц, Клозе и Хицлспергер.
Македонија одамна нема шанси во квалификациите, но успеа да забележи вреден успех за престиж – во Скопје ја надигра Хрватска и ја совлада со 2 спрема 0 со головите на Манов и Наумовски.
По синоќешното коло од квалификациите, учеството на ЕП го обезбедија и Италија, Франција, Шпанија, Холандија, Полска и Хрватска. Шанса неочекувано доби и Англија, откако аутсајдерот Израел ја совлада Русија со 2 спрема 1.
Средбата во Белград меѓу Србија и Казахстан не се одигра поради обилните снежни врнежи. Денеска е решено таа да биде одложена за 24-ти ноември.
З. Јордановски