Катар - нов рај за босанските гастарбајтери
24 октомври 2013
Без разлика каков вид работа извршуваат во Катар, работниците од Босна и Херцеговина, се задоволни од заработувачката и од условите за работа. Најтешко е велат, да се прилагодат на временските услови, особено ако работното место е под ведро небо. Екстремната топлина за Марко Вујаниќ од Градишка била неподнослива, па пред неколку месеци се вратил дома. Сепак, вели дека повторно би одел, а причина е месечната плата од 2.000 конвертибилни марки. „Подобро е и во Катар на плус 50 отколку тука да рабoтиш за 400 марки“, вели Марко.
Работата не е лесна, нова земја, нов начин на живот, вели Зоран Лојпур од Требиње. Истакнува дека искуствата со кои се вратил од Катар се позитивни и оти нема на што да се пожали. „Не отидов да работам за Мајкрософт, туку за градежна компанија. Добив многу повеќе отколку што очекував. Живеев во вила, сите имавме базен, интернет...“
Работниците попривилегирани во однос на оние од Азија
Катар е едно од најголемите светски градилишта во моментов. Подготовките за Светското фудбалско првенство во 2022 година, веќе започнаа. Во наредните неколку години милијарди долари ќе бидат вложени во изградба на инфраструктурата. Можност да се вработат во Катар гледаат бројни работници од сите континенти.
Оние кои доаѓаат од азиските земји, како Индија, Индонезија, Непал, често се жалат на нечовечките услови во кои работат. Неспоредливо помалку се платени од работниците од БиХ. „Тие се како робови. Работат за илјада, а ние за 5-6 илјада ријали“, вели Марко.
Заработувачка и новотo искуство биле причините поради кои Зоран заминал во Катар. Истакнува дека неговите сограѓани се солидно платени, но ни приближно како Англичаните и Американците. „Не е тоа преголема заработувачка. Заработувавме повеќе од Индијците, помалку од Англичаните. Босанците добро котираат на пазарот на работна сила.“
Зоран за своите работодавачи има само пофални зборови. Вели дека му бил платен и повратниот авионски билет, како и годишниот одмор. Слично искуство има и неговиот сограѓанин Горан Радуловиќ. Работел на градилиште и по 12 часа дневно, а најголем и единствен непријател му била жештината.
„Во текот на денот од 11 до 15 часот не се работи поради жештината. Првата смена беше од еден часот наутро до 11 претпладне“, вели тој.
Заминуваат и млади стручњаци
На привремена работа во Катар не заминуваат само градежни работници. Одат и високообразовани млади луѓе, најмногу стручњаци од областа на информатичките технологии. Работа има и за архитекти, меѓу кои е и Јасминка Ушановиќ од Сараево. Пред 6 месеци заминала за Доха, каде планира да остане уште најмалку 4 години. „Таму многу повеќе се цени трудот, работата и знаењето отколку во нашата земја, за жал. Во мојата фирма работи уште една девојка од БиХ, а верувам дека ќе дојдат уште луѓе во наредниот период.“
Се чека договор меѓу БиХ и Катар
Веќе неколку месеци се зборува за договорот меѓу Советот на министри на БиХ и владата во Катар, со кој би се регулирало вработувањето на државјаните на БиХ во таа земја. Портпаролот на Агенцијата за работа и вработување на БиХ, Борис Пупиќ вели дека сите услови се исполнети и оти е прашање на време кога ќе биде потпишан договорот. Во меѓувреме, побарувачката за работна сила расте од ден во ден, објаснува Пупиќ.
„Речиси секојдневно добиваме барања од приватни агенции од Катар, кои регрутираат работна сила. Меѓутоа, ние не можеме да одговориме на нивните барања бидејќи сѐ уште немаме врз основа на што да одговориме.“