1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Каталонците покажуваат мускули - закажан референдум за отцепување

Карлос Делгадо / Превод: Е.М. Фиданоска27 септември 2014

Против волјата на Мадрид, каталонскиот премиер Артус Мас донесе одлука за референдум за отцепување на Каталонија од Шпанија што ќе се одржи на 09.11. Непотребна авантура со неизвесен крај, оценува Карлос Делгадо.

https://p.dw.com/p/1DLwy
Фотографија: David Ramos/Getty Images

Во Шкотска се‘ останува исто, а сепак ништо веќе нема да биде како што беше. Приврзаниците на автономијата ја загубија битката, но постигнаа Лондон да и‘ даде на Шкотска широки овластувања, слични на оние какви што Каталонија има со години. Димензиите на самоуправата во автономната шпанска провинција се многу поголеми од оние на Шкотска. Каталонија има своја полиција, одлучува за прашања од образованието и здравството и е регион кој добива најмногу средства од државата, благодарение на моделот за финансирање договорен во 2009 година.

Сепак, за оние кои го веат каталонското знаме тоа не е доволно. Каталонија не е дел од Шпанија и тоа никогаш не била, велат тие и укажуваат на различноста на својот јазик и култура, како и на долгата историја на експлоатација која веќе три века ги оптоварува односите со Шпанија. Оваа идеолошка шема на размислување ги подгрева емоциите на Каталонците, кои денес повеќе од кога и да е досега се подготвени на авантура со неизвесен крај.

Часот на судиите

Во Шкотска здравиот човечки разум победи над чувствата. Но, Каталонија не е Шкотска, иако многумина се обидуваат да извлечат поуки од тамошното гласање. Додека шкотскиот референдум беше одржан со согласност меѓу Единбург и Лондон, шпанскиот устав не предвидува можност за гласање за каталонска независност. Токму тоа е адутот кој го употребува владата на Маријано Рахој во полза на националното единство. Тоа е адутот кој треба да ја оправда непоместливоста на владата по ова прашање. Сега, со оглед на тоа што каталонскиот премиер Артур Мас донесе одлука за референдум, со поддршка на каталонскиот парламент кој неодамна го донесе т.н. „закон за гласање“, чукна часот на судиите. Рахој ќе вложи жалба против законот, а потоа збор има Уставниот суд, иако тој збор нема да биде и последен.

Мас не е луд

Ако судиите одлучат дека правилото е противуставно, Мас би можел да се почувствува повикан да преземе чекор каков што Шпанија не памети во својата понова историја - повик на цивилна непослушност и одржување референдум во илегалност. На крајот, каталонската влада би можела да ја задолжи својата полиција да го заштитува одржувањето на референдумот - против безбедносните сили на Шпанија. Но, пред да дојде до ваква тешко поимлива ескалација, Мас би можел од ракавот да го извлече последниот џокер - предвремени избори во Каталонија! Новите избори би можеле да значат зајакнување на силите кои тежнеат кон независност и би можеле да и‘ обезбедат на Каталонија подобра преговарачка позиција. Но, претходно Мас очигледно сака да ги употреби сите свои средства за измачување, зашто тој се‘ уште има некои нерасчистени сметки со Рахој.

Carlos Delgado
Карлос Делгадо, автор на коментаротФотографија: Privat

Фискалниот пакт како излез

Пред две години шпанскиот премиер имаше можност да ги спласне стремежите за автономија. На врвот на економската криза во земјата, каталонската влада побара разговори за нов фискален пакт, кој требаше на им даде на Каталонците надлежност во управувањето со парите од данокот. Рахој тогаш решително рече „не“. Мас беше принуден да го закопа планот за фискален пакт, само за малку потоа да почне да го поттикнува процесот за отцепување од Шпанија.

Кризата во државата бара јасен одговор од Рахој. Социјалистичката опозиција од него бара храброст и раководна сила. Тој, пред се‘, не смее да остане закован во своите позиции. Рахој досега гледаше само една алтернатива - „устав или хаос“. Но, има и можност да се постигне договор кој на Каталонците ќе им овозможи даночна самоуправа без притоа да мора да се менува уставот. Токму тоа го предлагаат каталонските претприемачи кои стравуваат од економските последици што би ги донело евентуалното отцепување од Шпанија и излезот од ЕУ.

Последиците од отцепување се непредвидливи, не само за Каталонците и Шпанците, туку и за ЕУ. Она што не се случи во Шкотска би можело да стане стварност во Каталонија, а потоа и во други региони. А, цепкањето на територијата е последното што и‘ е потребно на Европа, која е измачена од последната економска криза и е под закана од можеби нова рецесија.