1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Каталонија: Рации и апсења во Барселона

ЕМФ /агенции
20 септември 2017

Шпанските власти се обидуваат со демонстрација на моќ да ги одвратат луѓето во Каталонија од референдумот за независност. Со тоа, како што се претпоставува, го постигнуваат спротивното.

https://p.dw.com/p/2kM0t
Spanien Polizei untersucht Regierungsgebäude in Barcelona
Фотографија: Getty Images/AFP/J. Lago

Една и пол недела пред одржувањето на планираниот референдум за независност на Каталонија, шпанската полиција изврши претрес во повеќе канцеларии на регионалната влада во Барселона. Воената полиција влезе во канцелариите на одделите за економија и надворешна политика, како и на премиерот на регионалната влада, изјави портпарол на регионалните власти. Шпанската централна влада во Мадрид се обидува на секој начин да го спречи планираниот референдум за независност на 1 октомври.

Шпанската влада го третира референдумот како илегален. Шпанскиот Уставен суд го прогласи за неважечки законот за референдум кој беше донесен во Барселона. Обвинителството отвори истраги против повеќе од 700 каталонски градоначалници кои му даваат поддршка на референдумот за независност.

Spanien Proteste nach der Festanahme von Josep Maria Jove in Barcelona
Фотографија: Reuters/A. Gea

Апсење на „десната рака“

Во акција што беше спроведена денеска во раните утрински часови е уапсен Жозеп Мариа Џове, човекот кој е десна рака на заменикот каталонски премиер Ориол Џункерас. Сѐ уште не е јасно за што е обвинет Џове. Еден ден претходно шпанското правосудство испрати покани до тројца каталонски градоначалници кои му даваат поддршка на референдумот. Против тројцата локални политичари се води истрага за пружање помош за референдумот, но не е покренато формално обвинение. Агенциите јавија дека градоначалниците се бранеле со молчење. Инаку, судски покани имаат добиени околу 50 од над 700 градоначалници против кои се води истрага. Оној кој нема да се појави на закажаниот термин, е соочен со апсење.

Набљудувачите се сомневаат во успешноста на ваквите методи на централната влада во Мадрид за одвраќање на сепаратистите од нивните планови за независност. Премиерот Маријано Рахој неуморно повторува дека во никој случај нема да дозволи отцепување на економски најсилниот регион на Шпанија.