1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Карзаи: САД и талибанците преговараат и коваат заговор

СН/ЕМФ/ап/дпа/миа10 март 2013

Авганистанскиот претседател обвинува дека талибанците и САД дејствуваат координирано за да ги уверат Авганистанците дека насилството ќе се зголеми ако странските трупи, како што е планирано, ја напуштат земјата во 2014.

https://p.dw.com/p/17uTp

Во телевизиското обраќање, авганистанскиот претседател Хамид Карзаи изјави дека авганистанските талибанци одржуваат редовни преговори со американската влада. Високи претставници на талибанците и Американците водат секојдневно преговори во европските и во земјите од Персискиот залив, како на пример во Катар, нагласи Карзаи. Талибанците, инаку, пред една година објавија дека ги прекинуваат преговорите, со образложение дека американските изјави се „колебливи, несигурни и нејасни“.

„Талибанците се вклучени во преговори со Американците секој ден, но сепак, активираат бомби во Кабул и во Кост за да им ја докажат својата сила на САД, како што тврдат“, рече Карзаи.

Тој уште истакна дека двата одделни бомбашки напади во Кабул и во Кост, кои се случија вчера и во кои загинаа најмалку 18 лица, меѓу нив и деца, им служат на интересите на САД, кои сакаат да покажат дека меѓународните сили се‘ уште се потребни за поддршка на мирот по завршувањето на воената мисија во 2014 година.

Портпаролот на талибанците во Авганистан Забиула Муџахид демантираше дека се обновени преговорите со САД и нагласи дека не е постигнат никаков напредок, откако тие се стопирани. Засега нема реакција на ваквите изјави на Карзаи од страна на меѓународните воени трупи во Авганистан, предводени од САД, кои етапно ја предаваат одговорноста за безбедноста во рацете на авганистанските сили се’ до планираното повлекување од земјата во 2014 година.