1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Караџиќ тврди дека Србите воделе „света војна“ во БиХ

1 март 2010

Радован Караџиќ тврди дека не е виновен по ниту една точка од обвинението на Хашкиот трибунал за геноцид и воени злосторства во војната во БиХ. За војната се виновни муслиманските лидери во Босна и германската политика.

https://p.dw.com/p/MFnx
Радован Караџиќ во судницата во ХагФотографија: AP

Не сум овде да ја бранам својата маленкост, туку величината на српскиот народ, изјави поранешниот лидер на босанските Срби, Радован Караџиќ на отворањето на својата одбрана пред Трибуналот во Хаг. Караџиќ тврдеше дека не постоел никаков план да се отстранат муслиманите од БиХ, а одговорноста за војната ја префрли врз муслиманското раководство, кое имало за цел да создаде исламистичка држава врз основа на нелегална сецесија од Југославија.

Според очекувањата, Караџиќ одлучи да се брани самиот од обвинувањата за геноцид и воени злосторства, а во текот на денешниот тричасовен монолог, објаснуваше дека за војната освен политичките лидери на муслиманите во Босна, виновна е и политиката на Германија. „Кога Германија успеа да ги надвладее западните земји во 1991 година, Југославија се распадна. Но сега, сојузници на Германија беа сојузниците на Србија во втората светска војна“.

Концентрационите логори биле хуманитарни кампови

Караџиќ тврдеше дека муслиманите во Босна, односно нивните политичари, ги инсценирале односно самите ги организирале масакрите на сопственото население за да издејствуваат странска воена интервенција. Експлозиите на сараевскиот пазар Маркале, според Караџиќ, биле токму такви случаи.

Karadzic vor Gericht
Бегалци за време на војната во БоснаФотографија: AP

Поранешниот лидер на босанските Срби го отфрли и тврдењето на обвинителството дека неговиот говор во босанскиот парламент во 1992 година, во кој тој директно им се закани на муслиманите дека ќе бидат збришани, бил повик на војна. „Тој говор кој го одржав во Собранието е еден од моите најцитирани говори од страна на обвинителството. Тоа е нивниот најголем доказ против мене. А тој говор е изразито антивоен говор“, рече Караџиќ.

Ниту концентрационите логори во Босна не биле тоа, туку кампови во кои им била давана хуманитарна помош на жртвите во војната, рече поранешниот лидер на босанските Срби.

Изјаснувањето на Караџиќ по обвинението ќе продолжи и утре, а за в среда е најавено и појавувањето на првиот сведок на обвинителството во судницата. Караџиќ беше уапсен во јули 2008 година во автобус во Белград, откако повеќе од десет години успешно се криеше од домашните власти.

Автор: БГ/бета/афп

Редактор: Александра Трајковска