1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Каналот Дунав-Морава-Вардар повторно актуелен

БГ
13 декември 2017

Грција, Македонија и Србија сакаат да го поврзат Средоземното Море со реката Дунав и за таа цел се планира изградба на канал, пишува денеска германската агенција ДПА, повикувајќи се на владини извори во Атина.

https://p.dw.com/p/2pGAT
Deutschland, Castor-Transport auf dem Neckar
Фотографија: picture-alliance/dpa/U. Anspach

Доколку се реализира планот, тоа ќе биде најдолгиот канал во Европа. Повеќе грчки медиуми денеска известуваат за планот повикувајќи се на изјави на градоначалникот на Солун, Јанис Бутарис.

„Македонскиот претседател Ѓорге Иванов ми покажа едно видео, кое го прикажува сонот за овој канал“, изјавил Бутарис на состанокот на седницата на Градскиот совет на Солун. Тој претходно го посети македонскиот главен град Скопје.

Повеќе на темата: 

Вардар - непловната алка на каналот од Солун до Белград

Каналот наречен желба

Во февруари годинава, грчкиот премиер Алексис Ципрас ја наведе изградбата на каналот како проект кој „може да ја смени географијата на целиот регион“. Како што дознава ДПА од владини извори (во Атина, н.з.), гигантскиот проект, според проценките, би чинел околу 17 милијарди евра. Проектот би можел- доколку се најдат инвеститори- да се изгради во рок од шест години. Оттаму се наведува дека кинеските инвеститори веќе покажале интерес.
Водниот канал би требало да го поврзе Дунав преку неговата притока Морава со реката Вардар, која потоа се влева во Егејското Море западно од Солун.

Mazedonien Überschwemmungen in Skopje
Во Вардар засега „пловат“ само галиите во центарот на СкопјеФотографија: DW/P. Stojanovski

Проектот Морава-Вардар-Егејско Море е стар речиси еден век, и неговата изградба одвреме навреме се актуелизира во земјите од регионот. Според неколкуте проекти изработени за негова изградба, со него би се овозможила навигација од Белград до Солун, и од Белград до Ротердам преку водни патишта. Би се скратила и рутата од Атлантикот до Медитеранот. Србија, со овој проект, автоматски би станала клучен фактор на поврзување во регионот, а тоа би ја променило и нејзината геостратешка, економска и геополитичка позиција.
Критичарите велат дека проектот е мегаломански и финансиски неисплатлив.