1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кампањата во Пакистан под контрола на талибанците

Мустафа Вакар/Б. Георгиевски10 мај 2013

Насилството против либералните партии го загрози нормалното одвивање на кампањата за парламентарните избори во Пакистан.

https://p.dw.com/p/18V6o
Фотографија: picture-alliance/dpa

„Мораме да се бориме против начинот на размислување кој го кочи напредокот на нацијата. Мораме да ги поразиме оние кои камшикуваат жени, фрлаат бомби врз џамии и го оневозможуваат образованието за девојчињата“, им порача неодамна на своите симпатизери преку видео-порака Билавал Буто-Зардари, лидер на најголемата пакистанска политичка партија, Пакистанската народна партија (ППП). Буто-Зардари не може да дојде во Пакистан и да учествува во кампањата за парламентарните избори поради безбедносните ризици.

Неговата ППП, Народната Авами партија (АНП) и Движењето Мутахида Чауми (МЧМ) владееја со земјата во последните пет турбулентни години. Но во пресрет на парламентарните избори закажани за 11. мај, овие партии не беа во можност да одржуваат јавни собири и митинзи поради нападите врз нивните претставници од страна на пакистанските талибанци.

Талибанците со години наназад водат крваво востание со цел да воспостават исламски закони во земјата. Тие бараат од владата да ги прекине односите со САД, кои ги обвинуваат за нелегална окупација на Авганистан. По неуспешниот договор со талибанците во 2009., владејачката коалиција нареди масивна воена операција против талибанците во северозападниот регион на државата, на границата кон Авганистан. Но операциите не успеаја да ги поразат талибанците ниту да го намалат насилството.

Pakistan Bilawal Bhutto Zardari
Билавал Буто-ЗардариФотографија: picture-alliance/dpa

Избори без кампања

Поради неможноста да одржуваат јавни собири, ППП, АНП и МЧМ беа принудени кампањата да ја водат преку огласи, пораки на социјалните медиуми, видео пораки и гостувања на телевизиски емисии, со што е нарушен кредибилитетот на изборите. АНП соопшти дека исламистичките милитанти убиле повеќе од 700 нејзини претставници и лидери. Но партијата тврди дека нема да одговори со насилство.

„Ненасилството е нашето оружје против тероризмот. Доколку талибанците ја признаат надлежноста на пакистанската влада и уставот на државата, и ја прифатат демократијата како систем, ние сме подготвени да разговараме со нив“, вели генералниот секретар на АНП Ејзан Вајн.

Талибанците ги отфрлаат овие услови.

Партијата МЧМ, која ужива поддршка во југозападната провинција Синд и во економскиот центар Карачи, мораше да ги затвори своите изборни штабови по нападите од талибанците. Од МЧМ тврдат дека терористите убиле 25 нивни активисти и изборни кандидати само во последните денови пред изборите.

За споредба, партиите десно од центарот како онаа на поранешниот премиер Наваз Шариф, Пакистанската муслиманска лига (ПМЛ-Н) и нејзиниот помал коалициски партнер, се поштедени од талибанците. Двете партии нудат преговори со талибанците без условувања.

Pakistan Wahlkampf Unfall von Imran Khan
Имран КанФотографија: Reuters

„Политиките кои доведоа до тероризам треба да се променат. И секако дијалогот е неопходен за да се разберат ставовите на другиот и да се отстранат меѓусебните недоразбирања“, вели Фарид Парача, функционер на десничарската Џамат е Ислами. И поранешната крикет ѕвезда кој во меѓувреме стана политичар, Имран Кан сака Пакистан да ја смени стратегијата кон талибанците.

„Уште колку долго армијата ќе го бомбардира сопствениот народ? Надежта на Пакистан е во демократска и суверена влада која ќе може да разговара со талибанците“, вели Кан.

Преговорите не можат да се избегнат

Политичкиот аналитичар Хасан Аскари Ризви верува дека десничарските партии го осудуваат тероризмот, но не сакаат да се замерат со милитантните организации. „Тие не сакаат да ги загубат гласовите на десно ориентираните гласачи“, вели Ризви за ДВ.

Поделеноста на пакистанските политички партии во однос на проблемот со тероризмот е загрижувачки знак за меѓународните набљудувачи во земјата.

Pakistan - Bombenanschlag
Бомбашки напад за време на кампањата во ПакистанФотографија: Getty Images

„Различните пристапи на партиите имаат влијание врз изборите и врз изборната кампања“, вели Михаел Галер, шеф на набљудувачката мисија на ЕУ. „Тероризмот е проблем кој ќе има влијание врз изборите, и затоа ќе биде земен предвид кога ќе го објавиме нашиот извештај“.

Според аналитичарот Ризви, кој и да победи на изборите ќе се соочи со истиот проблем.

„Дури и да дојде на власт партија која има мек однос кон талибанците, таа нема да може да ги прекине воените операции против милитантите. Кој и да дојде на власт, воените операции ќе одат рака под рака со преговорите“, прогнозира Ризви.