Како функционира Собранието?
Собранието е носител на законодавната власт во Македонија, а една од основните задачи на собранискиот состав е донесувањето на законите.
Законодавна власт
Носител на законодавната власт во Македонија е Собранието. Пратениците кои го сочинуваат се избираат на општи и непосредни парламентарни избори и нивниот број може да биде од 120 до 140, но од првите избори досега, нивниот број е 120. Пратениците во Собранието се избираат со мандат од 4 години. Предвремено распуштање пред истекот на мандатот е можно доколку мнозинството пратеници гласаат за тоа.
Постојано заседание
Собранието е во постојано заседание и по конституирањето на пратеничкиот состав претседателот само ги известува пратениците за терминот и дневниот ред на седниците. Пратениците ја извршуваат својата функција преку учеството во пленарните седници и седниците на собраниските тела. Собраниските комисии немаат право да донесуваат одлуки, туку само да даваат мислења и предлози.
Надлежности
Надлежностите на Собранието и основните правила за неговото функционирање, се дадени во Уставот. Затоа тоа што не постои Закон за Собрание, деталите околу постапката за неговата работа и неговите тела се регулирани со Деловникот за работа на Собранието.
Како се носат законите?
Една од главните задачи на Собранието е носењето на закони. Законите ги претставуваат правилата во општеството и со нив на граѓаните им се гарантира некое право, им се забранува некое поведение, или им се наредува да постапуваат на одреден начин. Во зависност од видот на законите, тие можат да се донесат со просто, апсолутно, двотретинско (квалификувано) или двојно мнозинство.
Просто мнозинство
За законите кои се донесуваат со просто мнозинство потребно е позитивно да се изјаснат мнозинството од присутните пратеници во Собранието, но најмалку една третина од вкупниот број на пратеници, односно најмалку 41.
Апсолутно мнозинство
За да се донесе закон за кој е потребно апсолутно мнозинство, потребна е поддршка од страна на мнозинството од вкупниот број на пратеници во Собранието, односно најмалку 61 пратеници.
Двотретинско (квалификувано) мнозинство
Двотретинско или квалификувано значи дека за одреден закон е потребно позитивно да се изјаснат две третини од вкупниот број пратеници во Собранието. Ова значи дека законот е донесен кога за неговото донесување гласале 80 пратеници.
Двојно мнозинство
Двојно мнозинство е потребно за законите што се однесуваат на правата на заедниците (употреба на јазици, лични документи, употреба на симболи и сл.), Собранието одлучува со мнозинство гласови, при што е потребно да се изјасни и мнозинството од пратениците што припаѓаат на заедниците што не се мнозинство во Република Македонија, т.н. Бадентерово мнозинство.
Дефинирани со Уставот
Во Уставот на Република Македонија се точно прецизирани законите за кои се бара двотретинско мнозинство. Тоа се: Законот за грб, знаме и химна; Законот за организација на органите на државната управа; Законот за судови; Законот за локална самоуправа; Законот за одбрана и законите за судски постапки.