Како евтино да го пополните Панини албумот
18 мај 2016Пред почетокот на големиот фудбалски настан, машините во погоните на италијанската фирма Панини работат непрекинато. Во три смени се произведуваат сликички на кои се портрети на повеќе стотици фудбалери. Машините за пакување на „Фирматик“ сортираат и пакуваат до осум милиони сликички и на италијанската фирма Панини веќе со децении и носат голема заработка.
Во годинешниот албум за Европското првенство во фудбал, кое го организира УЕФА, се наоѓаат 680 места кои треба да се пополнат. Тоа значи 680 сликички на репрезентативци. Тука се и сликите на стадионите, како и симболите, трофеите, маскотата... Пополнувањето на албумот не е лесна задача. Но, постојат начини како да се зголемат шансите за пополнување на албумот и тоа без издвојување на големи суми пари.
Магичен број
Фирмата Панини наведува дека нејзините машини „Фирматик“ водат сметка за тоа во едно пакување, во кое се наоѓаат пет сликички, да нема дупликати. За колекционерите многу е важна информацијата за тоа колку пакетчиња ќе им бидат потребни за да го наполнат албумот. Тоа е всушност борба против законот на веројатноста, велат тројца математичари во разговор за ДВ. Колку повеќе сликички ќе купите, толку е потешко да се пополнат празните места во албумот, иако Панини тврди дека сите сликички се печатат и делат во ист број.
Професорот Ерхард Берендс од Слободниот универзитет во Берлин проценува дека секој колекционер во просек мора да купи 961 ќесичка во која се наоѓаат по пет сликички. Тоа значи 4.805 сликички. Со оглед на тоа дека една ќесичка во Германија чини 0,70 евроценти, тоа значи дека за пополнување на албумот се потребни 672,70 евра. Тоа е голема сума пари, доколку се земе предвид дека главно младите колекционери сликичките ги плаќаат од својот џепарлак.
Тимска работа
Висината на сумата се базира врз теоријата на веројатноста. На пример: првата сликичка која ќе ја купите со сигурност ја немате. Кај втората сликичка веројатноста дека е иста како првата е далеку помала. Математички кажано, се работи за односот еден спрема 680.
Кај последната сликичка нештата се многу поинакви. Според теоријата на веројатноста, во просек се потребни 680 обиди за да се добие вистинската сликичка. На тој начин 679 сликички се вишок.
„Поставувањето на проблемот на тој начин, математички гледано, во значителна мерка ја отежнува шансата за добивање на сликичката која ви недостасува“, вели професорот Пол Харпер од Универзитетот во Кардиф, Велика Британија. Фактот дека Панини ги продава сликичките во пакувања од пет парчиња, ги зголемува шансите последната сликичка да не се наоѓа во тоа пакување. Разликата меѓу односот еден спрема 680 и пет спрема 680 не е особено голема.
Харпер исто така ја пресметал веројатноста и дошол до речиси истиот резултат како и колегата од Берлин: потребно е да се купат 963 сликички. Тој вели дека соработката со други лица кои собираат сликички и тоа како се исплатува. Па така преку соработка со уште едно лице шансите за добивање на сликичката која ви недостасува се зголемува за 30 проценти. Доколку тоа го прават тројца, шансите се зголемуваат за 46, а десет лица за 68 проценти.
Еден студент по машинство на Универзитетот во Брауншвајг отиде и чекор понатаму. Малте Брабанд направи математичка табела која на колекционерите на сликички треба да им помогне да ги набават сликичките кои им недостасуваат директно во фабрика. Овој 19-годишник вели дека љубителите на Панини можат да го пополнат албумот за 233 до 278 евра, без потреба да ги менуваат сликичките со други лица. Сепак, тоа не значи дека тој е против тимската работа. Кај три лица, трошоците во таков случај се движат меѓу 124 и 149 евра.