1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како да се спречи крвната одмазда на Косово и во Албанија?

Рефки Алија/ Симе Недевски11 октомври 2012

Крвната одмазда е се’ уште присутна кај Албанците. Под мотото „Стоп на братоубиството-стоп на крвната одмазда“ се собираат потписи за да се изгласа ригорозен закон во Албанија и Косово кој би требало да го спречи тоа.

https://p.dw.com/p/16Mje
Фотографија: Getty Images

Симон Кужини, претседателот на Сојуз на Албанците во светот, со своите соработници веќе подолго време работи на сузбивање на крвната одмазда која се’ уште е присутна кај неговите сонародници. Смирил десетици семејства, но тоа, кажува, е малку. Голем број албански семејства и денес живеат во домашен притвор и им се заканува опасност некој од нивните членови да биде убиен.
„Околу 450 или 500 семејства има во Албанија, а овде на Косово, некаде од 130 до 140. Очекувам дека овие денови ќе смириме 10 семејства, а ќе почнеме да работиме и со други, кои се подготвуваат за крвна освета. Јас мислам дека тоа ќе престане“, оптимист е Кужини.

Потребни се четири милиони потписи

За таа цел, вели Кужини, составен е опсежен план: ќе се одржуваат симпозиуми и тркалезни маси на кои ќе присуствуваат стручњаци и добри познавачи на таа појава. За да се сузбие во корен крвната одмазда, е потребна потполна документација, смета овој Призренец. „Би требало сите Албанци самоволно и самосвесно да се потпишат и да собереме 3 до 4 милиони потписи. Кога ќе се соберат 4 милиони потписи, тогаш ќе бараме од Министерствата за правда во Албанија и на Косово да донесат ригорозен закон. Без него нема да успееме. Тој закон сигурно ќе ни помогне еднаш за секогаш тоа да се реши во нашето општество.“

Кужини смета дека со потпишување на петицијата во суштина ќе се „даде беса“ (заклетва), а со тоа, вели, освен со крвната одмазда, ќе се започне и со решавање на тешката социјална положба на многу Албанци.
Социолозите, како универзитетскиот професор Исмаил Хасани, поздравуваат каква било иницијатива за сузбивање на крвната одмазда. Сепак, Хасани смета дека споменатиот начин би бил контрапродуктивен.

Albanien Blutrache Proteste der Jugend Archivbild
Протести против крвната одмазда во АлбанијаФотографија: picture-alliance/dpa

Заострување на законот-контрапродуктивно

„Се сеќаваме дека тој процес на Косово во 90-тите години се одвиваше според друга методологија, а имаше и резултати. Меѓусебното смирување на Албанците поврзано со крвната одмазда тогаш одеше полесно поради тоа што социјалната кохезија на Косово беше поголема, поврзана со репресивниот режим на Милошевиќ. Сега состојбата е сосема поинаква и мислам дека не може да се подобри со тие спектакуларни мерки во смисол на вршење притисок на владите на двете држави“, кажува Хасани.

За Косово и за Албанија демократијата на општеството и фаќањето приклучок на патот за ЕУ се приоритети. Заострувањето на законот би било, кажува Хасани, контрапродуктивно. „Тоа, всушност официјален Брисел никогаш не би го прифатил“. Затоа, излезот од оваа ситуација, според професорот Хасани, лежи во поголемото ангажирање на социјалните работници, социолози, антрополози, луѓе кои ја познаваат културата на таа средина, луѓе кои ги познаваат вредностите на религијата, кои ги познаваат вредностите на секојдневието, етичкиот код на Албанците. „Тие луѓе треба да се пратат како емисари, да учествуваат во секојдневните разговори и да ги убедуваат луѓето дека тоа треба да се спречи. И, конечно, образование, образование и образование...“

Според „канонот на Лека Дукаѓини“, ако мажот од едно семејство убие друг, семејството на жртвата мора да одговори на ист начин. Семејството на убиецот е безбедно единствено во својот дом бидејќи убиството на ривалот во неговата куќа носи срам.