Како да се излезе од „кашата“?
26 јануари 2010„Важно е на сето тоа да се гледа во целост и сооднос - цивилна обнова, обука на полицајци и војници, заштита на населението и неопходни воени активности“, изјави германската канцеларка Ангела Меркел, која претпладнево на состанок ги покани водечките политичари на партиите кои се застапени во Бундестагот за да ги информира за владината стратегија за иднината на Авганистан.
Меркел најави дека трупите во Авганистан ќе бидат зголемени за 850 војници. Од нив, 500 ќе бидат испратени во земјата на определено време, а 350 ќе бидат т.н. „флексибилна резерва“. Освен тоа, бројот на полициски инструктори се зголемува од 123 на 200.
Вчеравечер Меркел за стратегијата за Авганистан разговараше со ресорните министри за надворешни работи, за одбрана и за развојна помош, но не се соопштени детали од средбата. Владејачките партии ЦДУ, ЦСУ и ФДП се залагаат пред се` да ја добијат поддршката на опозиционите социјалдемократи во pарламентот.
Социјалдемократите бараат повлекување од Авганистан до 2015 година
Засега, социјалдемократите остануваат на барањето Бундесверот да се повлече од Авганистан најдоцна до 2015 година. Поранешниот германски канцелар од редовите на СПД, Хелмут Шмит, и` советуваше на својата партија да го прошири фокусот од Авганистан кон Пакистан и да се заложи големите сили како Русија и Кина да преземат поголема одговорност, исто така и Иран и Турција. Според зборовите на шефот на СПД, Зигмар Габриел, поранешнииот канцелар ја предупредил партијата од изолација во НАТО и ЕУ. Германија мора да ги исполни своите обврски, им порачал 91-годишниот Шмит на сопартијците. По ова прашање стратешките интереси на Германија се пред партиските, порачал Шмит во неговиот прв говор пред потесното раководство на СДП по завршувањето на канцеларскиот мандат во 1982 година.
На синоќешниот прием на дипломати од целиот свет, канцеларката Ангела Меркел се заложи за тоа - уште оваа година да бидат создадени политички услови, и на Авганистан да му биде предадена одговорноста за развојот и безбедноста на земјата. Претходно канцеларката го потврди ставот дека операцијата останува опасна. Канцеларката Ангела Меркел лично ќе разговара со претседателот на Авганистан Хамид Карзаи меѓу другото и за борбата против корупцијата. Карзаи денеска и утре престојува во Берлин.
Автор: АТ/ТТ/дпа
Редактор: Жана Ацеска