Како да се запре „еврејскиот џихад“?
3 август 2015Весникот Једиот Ахронот во денешното онлајн-издание го поставува прашањето: како да се запре „еврејскиот џихад“? Притоа се мисли на верски мотивираниот терор кој станува се‘ поголем во Израел и на палестинските територии. Во четвртокот вечерта (30.07) се случи напад со нож од страна на радикален еврејски верник од населбата Модин-Илит. Тој повреди шестмина учесници на парадата на хомосексуалците во Ерусалим. Сега Израел дискутира за толеранцијата и околу прашањето зошто атентаторот не бил предмет на надгледување. Имено, тој само што ја одлежал казната затвор во траење од 10 години и тоа поради исто дело во 2005 година.
Само неколку часа подоцна, среде ноќ, беше подметнат пожар во две куќи во палестинското село Дума, на Западниот брег. Изгоре мало дете, тешко повредено е уште едно 4-годишно дете и неговите родители, кои се во животна опасност. Очевидци сведочат дека маскираните извршители застанале пред куќата покрај жртвите кои гореле, а потоа избегале во правец на соседната еврејска населба.
Израелската армија, тајната служба и владата не се сомневаат во ваквиот приказ на настанот. Претседателот Ривлин, како и премиерот Нетанјаху, го осудуваат делото како „убиство“ и „тероризам“. Нетанјаху му вети на палестинскиот претседател Абас дека ќе преземе се‘ за да бидат пронајдени виновниците: „Сега мора да обезбедиме мир. И се залагаме за заедничка борба против тероризмот и екстремизмот. Сите владејачки партии и целото израелско општество се во тоа согласни. Тоа мора да ни стане заедничка задача со нашите палестински соседи“, рече израелскиот премиер.
За да се обезбеди подобра иднина, додава тој. За такво нешто прилики имаше и досега. Зашто, насилството од еврејските доселеници против Палестинците на Западниот брег е секојдневие веќе со години: уништени маслинови дрвја, изгорени житни полиња, уништени автомобили. Постојано се подметнуваат пожари во џамии, а сега е подметнат пожар и во куќа. Историчарот Моше Цимерман од Хебрејскиот универзитет во Ерусалим затоа вели дека не и‘ верува на трогнатоста на Нетанјаху:
„Тоа се алиби-изјави. Нетанјаху секогаш зборува со намигнување. ’Да, знаеме дека светот тоа од нас го очекува. Знаеме дека такво нешто не смее да се случува, но тоа не не‘ спречува да спроведуваме и натаму политика на доселување, да го развиваме нашето националистичко воспитание.’ Во таа смисла, ова што тој сега го кажа, или другите работи кои ги кажал, не се ништо друго освен замачкување очи.“
Во израелскиот печат се вели дека армијата сега мора да демонстрира решителност за да бидат пронајдени извршителите, дека само така може да се спречи палестинско востание.
Но, насилството продолжува. Ноќеска палестинско момче им подлeгна на повредите откако израелски војници стрелаа во него на протестите во универзитетскиот град Бирзеит, кај Рамала. Друго лице загина во Појасот Газа. Војниците пукаа врз момче кое наводно дошло преблиску до оградите во Појасот Газа. И тоа е секојдневие на Западниот брег и Појасот Газа. Огорченоста на Палестинците од израелската окупаторска политика станува се‘ поголема.
Но, притисок доаѓа и однадвор. Насилството од страна на радикалните доселеници досега не се спречува - тоа го вели не само палестинскиот претседател Абас, туку и генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун откако Советот за безбедност го осуди подметнувањето пожар во Дума. Моше Цимерман оценува дека меѓународната заедница има обврска да стори нешто:
„Тоа е задача на Европејците, задача на Германците да станат малку поенергични овде и потоа можат и да се спроведат некои чекори кои на Израел јасно ќе му покажат дека има незадоволство од тоа што се случува во Израел и окупираните територии.“
Се‘ помалиот табор во Израел на оние кои себеси се опишуваат како левичари и мировно ориентирани се надева на притисок однадвор. Вечерва тие сакаат да демонстрираат во Тел Авив против омразата на верско-националистичката десница.