Како да им се помогне на цивилите во Газа?
22 јануари 2009Средбата на министрите за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ со нивната израелска колешка Ципи Ливни се одвиваше под засилени мерки за безбедност поради антиизраелските демонстрации во Брисел. Европските министри побараа од Ливни, Израел веднаш да дозволи хуманитарната помош да стигне до цивилите во Газа. Ливни, пак, порача дека Израел е подготвен за соработка.
„Граничните премини се отворени за хуманитарни потреби. Тоа е во согласност со нашите вредности. Ние работиме со меѓународната заедница и интернационалните организации за да одговориме на хуманитарните потреби во појасот Газа“, рече Ливни.
Ливни: ги браниме сопствените интереси
Министрите на ЕУ се согласија да му помогнат на Израел да му стави крај на шверцот на оружје, за кое вели дека потекнува од Иран. Хамас мора да биде запрен повторно да се вооружува, порача Ливни додавајќи дека нејзината земја се залага за траен мир во регионот, но би контактирала само со легитимната палестинска власт.
На прашањето дали Израел би соработувал со евентуална меѓународна истрага за повредите на човековите права во појасот Газа, Ливни истакна дека нејзината земја ги брани сопствените граѓани и се обидува да избегне цивилни жртви борејќи се против теророт.
„Во секој правен систем што ги претставува вредностите на државата постои огромна разлика меѓу убиецот и оној што убива по грешка“, рече Ливни.
Колкаво е влијанието на ЕУ?
Чешкиот министер за надворешни работи, Карел Шварценберг, чија земја претседава со ЕУ, истакна дека Израел е демократска држава и каква било истрага за бомбардирањето на цивилни цели ќе биде спроведена најнапред во Израел.
Пред средбата во Брисел многу се шпекулираше дека ЕУ нема вистинско политичко влијание врз Израел. Но, Шварценберг инсистираше дека на средбата со Ливни биле постигнати многу работи.
„Сметам дека имавме резултати во хуманитарните задачи и околу прашањето за отворањето на многу гранични премини за таа цел“, рече Шварценберг.