1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како да и’ се стави крај на дискриминацијата на децата Роми?

Тони Гламчевски24 април 2013

Подобрување условите за живот, донесување на политички одлуки за пристап до здраствената заштита, образованието и промовирање на идентитетот, културата и ромскиот јазик – бара Советот на Европа од Македонија.

https://p.dw.com/p/18MiZ
Фотографија: picture-alliance/dpa

Дискриминацијата на која се изложени Ромите во Европа, започнува дури и пред нивното раѓање, со отсуство на соодветна здраствена грижа пред раѓањето и по раѓањето и таа дискриминација ги следи целиот нивен живот, нагласува турската парламентарка Нурсуна Мемечан во извештајот кој беше разгледан во Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) во Стразбур.

Во Европа според проценките половина од ромското население, меѓу пет до шест милиони се помлади од 18 години. Оваа бројка покажува дека е ургнетно потребно да се прекине спиралата на дискриминацијата, односно дека ромските деца треба уште од најрана возраст да ги имаат истите шанси за да се интегрираат целосно во општеството, како услов за нивна интеграција кога тие ќе бидат возрасни.

Продолжува сегрегацијата на Ромите и во Македонија

Македонија се споменува многу малку во извештајот на турската парламентарка Нурсуна Мемечан. Таа пред се’ се повикува на извештајот на Агенцијата за фундаментални права од 2009 година, според кој сегрегацијата на Ромите продолжува и понатаму во повеќе земји членки на Европската унија.

Во тој контекст се споменува дека во Македонија имало протерувања на семејства на Роми со деца и дека во 2011 година 17-годишен ученик Ром бил нападнат со нож од негов врсник кој не бил Ром, поради неговата етничка припадност.

Комесарот за човекови права на СЕ Нилс Мужниекс при неговата посета на Македонија се интересираше и за правата на децата Роми.

„Овде, како и во многу други земји констатиравме дека Ромите се премногу присутни во установите за ментално хендикепирани деца, што е многу проблематично од аголот на човековите права. Тоа е лоша политика, која е штетна за Ромите, но исто така и за целото општество, и таа треба да биде ставена во прашање. Мерките преземени од македонските власти за решавање на проблемот заслужуваат да бидат поздравени, иако останува уште многу да се направи“, рече тој во интервјуто за Дојче Веле.

Напуштањето на школскиот систем – најголем проблем

„Главниот проблем е излегувањето на децата Роми од школскиот систем во Македонија. Од пред шест години, министерот за Труд и социјална политика на Македонија воведе програма во соработка со локалните власти со цел да им понуди на децата Роми претшколско образование. Се работи за подготвување на овие деца за вклучување во основното образование“, рече македонскиот пратеник и шеф на собраниската делегација при ПССЕ Александар Николоски во дебатата. Тој притоа нагласи дека Македонија има преземено различни мерки во полза на ромското население, кои можат да послужат како добри практики за остатокот на Европа.

Europarat
„Мерките преземени од македонските власти за решавање на проблемот заслужуваат да бидат поздравени, иако останува уште многу да се направи“Фотографија: picture alliance/abaca

Според него во школската година 2012-2013, со оваа програма биле опфатени 459 деца Роми. Шефот на македонската делегација ги запозна парламентарците од 47 земји членки на СЕ дека е воведен и проект за стипендии и тутори, под покровителство на Бирото за развој на образованието на претставниците на заедниците, кое е под надлежност на Министерството за образование и наука. Со оваа програма се опфатени 84 училишта и 25 општини од земјата.

Во Македонија се разботи на подобрување на правата на Ромите

Според податоците кои тој ги изнесе во Стразбур, законот од 2011 година, изработен во соработка со Високиот комесариат на ООН за бегалците и невладините ромски организации, дозволил регистрација на бројни Роми и подобрување на системот за издавање на лични документи. Во Македонија официјалните документи се издаваат и на пет јазици: ромски, турски, бошњачки, српски и влашки, со цел да се олесни интеграцијата на различните етнички заедници. Статистиката покажува дека биле издадени 4.158 пасоши  и 1.897 лични карти на ромски јазик.

Во предлозите кои доаѓаат од ПССЕ за подобрување на положбата на Ромите пред се’ е подобрувањето на животните услови, со донесување на политички одлуки кои ќе дозволат пристап до здраствената заштита, образованието и промовирање на идентитетот, културата и ромскиот јазик. Во изработувањето на овие политики треба да биде вклучена и ромската заедница, стои во усвоената резолуција во Стразбур.

„Подобрувањето на животните услови на ромското население е приоритет на нашата политичка агенда. Пдвлекувам дека повеќе членови на нашиот парламент и еден министер во владата на Република Македонија се Роми“, нагласи од своја страна македонскиот парламентарец Александар Николоски.