Какви промени носи коронавирусот во производството на храна
Рестрикциите поради Ковид-19 пореметија бројни животно важни сектори, па и земјоделството. Пандемијата може да ги промени прехранбените синџири, од индустриско одгледување животни до пораст на урбано градинарство.
Откажување од масовно одгледување животни
Иако научниците не се сигурни како настанал Ковид-19, се смета дека последните вирусни закани предизвикани од свинскиот и птичјиот грип, својот зачеток го имале во големите фарми за свињи и кокошки. Со оглед дека постои корелација меѓу индустриското одгледување животни на тесен простор и ризикот од пандемија, можеби е време да се поразмисли околу индустриското одгледување животни.
Месната индустрија во фокусот
Пандемијата ги рефлектираше и лошите услови во месната преработувачка индустрија. Во Германија постојат повеќе жаришта на коронавирус меѓу работниците во индустријата за месо, па дури повторно во карантин се ставени и два окрузи, откако преку 1550 вработени во кланицата „Тенис“ се инфицираа со коронавирус. Во целата бранша расте повикот за подобра регулатива.
Затворање фарми за диви животни
Експертите претоставуваат дека коронавирусот веројатно потекнува од диви животни продавани на рибен пазар во Вухан во Кина. По избувнувањето на пандемијата, Кина ја ограничи трговијата со диви животни и затвори речиси 20.000 фарми на кои тие се одгледуваа. Одделни кинески провинции на сопствениците им нудат државна помош во преориентација кон одгледување на растенија или свињи и кокошки.
Поотпорен сектор
Пандемијата предизвика индустријата, креирана за исхрана на глобалниот свет, во одделни случаи да се редуцира на локално ниво. Земјоделците мора да размислат како да се прилагодат на новата и несигурна иднина – од непречен пристап кон храна за животните до недостиг од работна сила.
Процут на урбаната агрикултура
Сѐ повеќе луѓе се принудени да поминат повеќе време дома, па се обидуваат да си произведат храна за себе. Долгорочно, тоа може да биде позитивен развој. Бидејќи до 2050 година две третини од светското население ќе живее во градовите, градското земјоделство е сѐ поважно, тоа штеди фосилна енергија за транспорт и нема толкава потреба од површини како конвенционалното земјоделство.
Да ѝ се врати земјата на природата
Светското население на планетава веројатно до 2050 година ќе достигне 10 милијарди луѓе, што го прави неизбежен фактот дека производството на храна мора да се зголеми. Додека некогаш излез се гледаше во освојување нови земјоделски површини, сега решение се бара во посилна концентрација врз урбаното земјоделство и свест за последиците од интервенцијата во природата.
Преориентација кон растителна исхрана
Со развојот на свеста за потенцијалната здравствена цена на пазарот на месо, Кина бележи зголемен интерес за производство на растителни продукти. Западот во последните години веќе доживеа тренд на вртење на луѓето кон растителна исхрана, кој веројатно ќе продолжи, зашто потрошувачите водат сѐ повеќе сметка за потеклото на месните продукти.
Зголемена сигурност за обезбедување храна во земјите во развој
Пандемијата на Ковид-19 силно ќе ги погоди земјите во развој, посебно во областа на обезбедување храна. ОН веќе предупредија од „глад од библиски размери“, поради намалување на ресурсите. Покрај итната помош, за сузбивање на гладот долгорочно е потребна подобра заштита во земјоделството, одгледување поразновидни наместо монокултури и посилна поддршка за загрозените ситни земјоделци.