1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Каква историја учат албанските ученици?

Пандели Пани / Александар Методијев11 март 2014

Само што стана независна, Албанија повторно беше поделена. Денес целата Прва светска војна во таа земја се претставува како борба за слобода и против „империјалистите и шовинистичките соседи“.

https://p.dw.com/p/1BND1
Фотографија: DW/M. Kelmendi

Во предвечерјето на Првата светска војна Албанија ја живееше еуфоријата од независноста од Отоманската империја. Прогласувањето на независноста се случи во 1912. година, а потоа беше признаена следната година со Лондонскиот договор. Заедно со таа еуфорија одеа и последиците од крвавите балкански војни.

„Албанците имаа среќа, бидејќи политичкиот развој беше наклонет кон самостојна Албанија, но и несреќа што целта не беше припаѓање на сите области во кои мнозински живеат Албанци“, вели за Дојче веле Михаел Шмит-Неке, германски историчар и албанолог.

„Компромисот беше воспоставување на Албанија како кнежевство со ’признавање на шест големи сили’, но во потесни граници, кои државата и денес ги има. Натамошниот компромис беше поставувањето на германскиот принц Вилхелм цу Вид како албански кнез, бидејќи тој со своето потекло, роднинските врски и конфесијата не наиде на одбивање од ниту една од страните“, додава германскиот историчар.

Земја „фрлена на волците“

Сараевскиот атентат и избувнувањето на големата војна практично стави крај на таквата албанска независност и државност. Германскиот кнез на 3 септември 1914. година ја напушти Албанија.

Prinz Wilhelm zu Wied
Вилхелм цу ВидФотографија: picture-alliance/akg-images

„Со неговото заминување Албанија повторно беше таму каде што беше пред Лондонската конференција – на меѓународно-правно ничија земја“, коментира Шмит-Неке.

Албанија наскоро станува бојно поле на политичките и воени интереси, на кое се судираат речиси сите земји кои влегуваат во војна – Србија, Црна Гора, Грција, Италија, Австро-Унгарија, Франција и Бугарија. Така, во албанските ученици стои дека тајниот Лондонски договор од 1915. година донел „неброени страдања на народот на Албанија“, а поделбата на земјата меѓу Србија, Црна Гора и Грција ја претвори Албанија во „паричка за поткусурување на империјалистичките сили и шовинистичките соседи“.

Атентатот врз Франц Фердинанд во албанските училишта се споменува само како дело на „српскиот националист“ Гаврило Принцип, кој го даде поводот за Првата светска војна. Сепак, како причина за војната се наведува кризата на капитализмот и заострувањето на односите меѓу империјалистичките сили, чии интереси се судираа во обидот светот да се подели на поинаков начин. Иако вината за војната им се припишува на Централните сили, сепак ниту Антантата не е поштедена.

Wilhelm zu Wied mit Isa Boletini und Anderen in Albanien
Вилхелм цу Вид фотографиран во АлбанијаФотографија: gemeinfrei

„Со тајниот договор од 1915. година, империјалистичките сили на Антантата одлучија да ја укинат независноста на Албанија и да ја распарчат земјата“, стои во кигите од кои учат учениците. Историчарите и експертската јавност во Тирана со задоволство се навраќаат на цитатот на британскиот балканолог Идит Дарам, која пишува: „Новопечената држава Албанија е фрлена на волците за да се спасат постарите држави“.

По заминувањето на германскиот кнез се случува политички вакум во кој „нема централен играч кој би ја одржал Албанија во целина. Наскоро ниту Албаниците, ни странците не можат во потполност да сфатат кој со кого е во сојуз и кој за што се бори“, додава познавачот на албанската историја Шмит-Неке.

Злосторниците секогаш се некои други

Историчарот Шкељзен Гаши ги анализирал учебниците по историја од Албанија, Косово и Србија. Тој утврдил дека текстовите на албански јазик воопшто не ја отсликуваат исцепканоста и различните политички позиции во Албанија во ова време. Наместо тоа, се зборува за хомогено национално движење со јасни цели. Авторите на албанските и косовските учебници користат општи места и пушуваат за вооружен отпор против окупаторот. Тој отпор го предводел Идриз Сефери, во бугарската зона на окупација, односно Азем Бејта во австроунгарската зона. Но, никаде не станува збор за заедничките борби на Азем Бејта и локалните Срби против австроунгарските трупи. Историчарот Гаши уште забележал дека во исти ученици нема ниту збор за албанските злосторства над Србите. Злосторниците секогаш се некои други, а сопствениот народ секогаш е страдалникот.

Но, колку случувањата од Првата светска војна и претходните, од балканските војни, ја менувале сликата на Албанците за соседните народи?

„Случувањата секако ги поларизирале луѓето и дополнително ги влошувале меѓусебните односи, пред се‘ меѓу Србите и Албанците, како и односите со Грците“, заклучува Шмит-Неке.