Каде уште има мини во Хрватска?
13 февруари 2011До 2019 година Хрватска би требало да биде целосно исчистена од заостанати мини. Тие, главно, веќе не се опасност во близина на инфраструктурните објекти, патишта, железнички пруги и туристички дестинации. Сепак, по 16 години по крајот на војната, Хрватска уште се соочува со опасноста од 887 квадратни километри мински сомнителни површини во 12 жупании и 104 градови и општини. Таблите со ознака „минирано“ се‘ уште стојат покрај некои патишта, како на пример кај местото Посједаре во близина на Задар, каде се врши деминирање во повеќе наврати. Во Хрватскиот центар за чистење од мини тоа го оправдуваат со немањето пари тоа да се изврши одеднаш, туку во етапи. Деминирањето е скапо и долготрајно, но во Хрватска во последно време е актуелно и нешто друго-Анте Певаловиќ тврди дека се трошат пари, кои и така ги нема доволно, и се врши деминирање на површини каде нема експлозивни направи.
„Мислам дека потегот од Поседарје до Зелени храст е миниран во многу мал дел, а до Зелен храст сигурно нема мини, ниту некој ќе ги најде. Ги поканив некои телевизиски куќи за да го докажам тоа пред камерите, но тие се плашат, не од мини, туку не знам од што“, вели Певаловиќ.
Надлежните ги отфрлаат обвинувањата
Во Хрватскиот центар за чистење од мини велат дека не станува збор за неправилности. Здравко Модрушан не верува дека се манипулира, зашто по секое деминирање се врши геодетско мерење, што не дозволува преклопување во своите програми.
„Ние не можеме двапати или повеќепати да плаќаме деминирање на иста површина. Го користиме еден од најдобрите скен- центри, кој ни го донираше владата на Норвешка, снимена е целата површина на Хрватска. Но, можно е да дојде до забуна кај луѓето“, објаснува Модрушан.
Сепак, Анте Певаловиќ и натаму тврди дека се врши деминирање на места каде нема потреба. Вели дека има сигурни информации за локациите на поставените мини, зашто:
„Јас бев диверзант, и уште неколкумина други. Ние влегувавме во Ислам (н.з. босанскиот, исламски дел), ги преместувавме нивните мински полиња и поставувавме свои, па подоцна ги чистевме. Ако некој знае повеќе од мене, нека се јави. Подготвен сум пред сите институции да сведочам за местата каде има мини, а каде нема“.
Да се расчистат негативните појави
Певаловиќ вели дека чесно се борел во татковинската војна и сега не може да го гледа трошењето пари без причина. Примери како неговиот, тврди, има многу. Кај него доаѓаат луѓе и кажуваат дека истото се случува и во други региони, но не сакаат јавно да проговорат за појавата. Певаловиќ истакнува-не сака да фрли негативна светлина врз целокупното деминирање во Хрватска, туку да предупреди парите да се трошат онаму каде се потребни.
На Хрватска за деминирање би и‘ требале околу 4 милиони куни, покриени се околу 67 проценти од средствата, остатокот треба да го обезбедат донатори и јавни претпријатија. Во финансирањето би можел да се вклучи и Бил Гејтс, еден од најбогатите луѓе во светот, кој како турист повеќе пати престојувал во хрватското крајбрежје.
Автор: Ивана Зрлиќ/ Жана Ацеска
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска