Каде исчезна Ким Јонг Ун?
10 октомври 2014Името на Ким Јонг Ун не беше ниту на листата на високите гости кои положија венци и цвеќе во мавзолејот Кумсусан, каде се погребани посмртните останки на неговиот дедо и татко. Годинава, цвеќе во мавзолејот од негово име положи делегација. Церемонијата ја предводеше вториот човек во државната хиерархија Хванг Пјонг Со.
Анонимни севернокорејски извори за западните агенции соопштија дека Ким, кој не е виден во јавноста од 3 септември годинава, отсуствува поради повреда на зглобот на ногата. Но, тој целосно ја контролира државата, додава изворот.
Но, отсуството на Ким од јавноста веќе со месеци ги подгрева шпекулациите околу неговата здравствена состојба, па дури се говори и за политички преврат во комунистичката земја. На 25 септември годинава, Ким отсуствуваше и од седницата на Врховното народно собрание - за првпат откако ја презеде власта пред три години.
Гласините особено добија на значење откако пред нешто повеќе од една недела, според тврдењето на севернокорејски дисиденти, тројцата водечки севернокорејски државни функционери кои во хиерархијата се веднаш под Ким, пристигнале во ненадејна посета на Јужна Кореја и таму имаа политички разговори.
Пучот не им одговара на елитите
Ваквото сценарио го отфрла Ридигер Франк, експерт за источна Азија на Универзитетот во Виена. Според него, нема никакви индиции дека Ким ја загубил моќта во земјата, напротив:
„Во споредба со претходните години, името на актуелниот лидер е далеку поприсутно, а пароли со неговото име се закачени насекаде низ земјата“, вели тој за ДВ. Експертот ја исклучува и можноста за евентуален пуч во земјата. „Од аспект на тамошните елити тоа ќе биде голема глупост. Многу е веројатно дека различни елити се борат за превласт околу лидерот, но никој не помислува да го смени него“. И јужнокорејската влада се дистанцираше од теориите за исчезнувањето на Ким Јонг Ун.
За разлика од меѓународниот печат, медиумите во Северна Кореја воздржано информираат за отсуството на Ким од јавноста, иако беше лиферувана информацијата за неговата повреда, што е исто така невообичаено. Наводно, Ким ја повредил ногата за време на воени вежби во кои земал активно учество. Ридигер Франк ја остава отворена можноста дека можеби се работи и за пропагандна стратегија на младиот диктатор. „Преку информациите за неговата болест тој можеби сака да покаже дека и тој е само човек и дека се жртвува за сопствениот народ“.