1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Каде е Ердоган, таму е власта

Б. Георгиевски/фац/зц/дивелт12 август 2014

Германските медиуми со загриженост ја следат победата на Реџеп Таип Ердоган на претседателските избори во земјата. Турција оди кон претседателски систем со многу автократски тенденции.

https://p.dw.com/p/1CsyL
Фотографија: Reuters

Реџеп Таип Ердоган е на врвот на својата политичка кариера. Победата во првиот круг на претседателските избори е секако голем триумф, пишува „Франкфуртер алгемајне цајтунг“. Уште во 2007. тој ја поттикна реформата со која е воведен директен избор на претседател.

„Ердоган сака да ја промени функцијата, но притоа сака да ги понесе и моќта и власта со себе. Тоа се случуваше и порано - кога ја напушти функцијата градоначалник на Истанбул за да ја преземе премиерската. Тогаш од Анкара се мешаше во градската политика во Истанбул. Така беше и при преуредувањето на плоштадот Таксим и паркот Гези. Сега, со напомена дека е прв директно избран претседател, тој повторно ќе се обиде да го спроведе истото сценарио како кога од Истанбул заминуваше во Анкара. Тој планира премиерските овластувања да ги префрли во претседателскиот кабинет. Рецептот гласи: власта е таму каде што сум јас.

Сепак, турскиот Устав тоа не го дозволува. Се претпоставува дека владејачката АКП ни по изборите во 2015 година нема да успее да освои апсолутно мнозинство и нема да има мнозинство за промена на Уставот. Партијата е силна, но го мина зенитот. На тоа укажува и, за турски прилики, слабиот одзив на последните два изборни циклуси. На локалните избори во март излегоа 89 проценти, а на претседателските - 74 отсто од гласачите. Тоа е негативен рекорд за Турција. Речиси еден милион луѓе останаа дома и одбија да го дадат гласот за Ердоган или за некој од неговите противкандидати. Тоа отвора можност за нови лица на политичката сцена“, пишува „Франкфуртер алгемајне цајтунг“.

Чувство на сигурност

Ди Велт“ оценува дека постојат разумни причини зошто Турците се одлучиле за Ердоган. „Тој е човек кој внесува многу стрес во политиката, но со него на чело на државата постои, какво-такво, чувство на сигурност. Кој знае што би се случило со Турција без него. Земјата е опкружена со кризни подрачја, и прашање е што би донел падот на Ердоган на политички и стопански план“.

Deutschland Kultur Presseschau Erster Weltkrieg 1914 Titelseiten
Фотографија: DW/P. Henriksen

„Од друга страна, опозицијата во Турција повеќе наликува на детска градинка, отколку на сила која може да ја преземе власта. Секуларната опозиција однапред загуби, затоа што духовно капитулираше. Толку беше фасцинирана од Ердоган што сметаше дека 'исламскиот бран' е патот кон иднината. Оттука како свој кандидат го именуваа Екмеледин Ихсаноглу, поранешен претседател на ’Организацијата на исламските држави’. На тој начин сакаа да ги придобијат гласачите на АКП, а всушност ги загубија сопствените. Опозицијата ќе мора да го пронајде својот идентитет и својата визија за иднината на Турција“, пишува „Ди Велт“.

Турскиот Путин

За стабилноста на државата како клучен мотив на гласачите пишува и „Зиддојче цајтунг“. „Поради тоа му подарија толкава моќ на Ердоган. Тој сега може да ја користи како блискоисточен владетел или како ’турски Путин’. Тој можеби и ќе го оствари своето ветување од изборната ноќ: дека ќе биде претседател на сите 77 милиони Турци и дека ќе тежнее кон помирување во општеството. Набрзо ќе се покаже дали држи ова ветување. Претстои изборот на премиер. Доколку на таа функција дојде некој од неговите најблиски соработници, тогаш со Турција ќе владеат луѓе кои сметаат дека се опкружени со непријатели, и дека во нивната земјата се коваат завери против нив. Луѓе кои целосно го изгубија од вид приближувањето кон ЕУ, и кои ќе ја исполнуваат секоја желба на Ердоган“, заклучува „Зиддојче цајтунг“.