Италијански новинар загина во Газа
13 август 2014„Смртта на Симоне Камили е трагедија за неговото семејство, но и за земјата. Уште еднаш новинар ја плаќа цената за војната што трае премногу години“, изјави италијанската министерка за надворешни работи Федерика Могерини.
Несреќата во која загинаа италијанскиот новинар и уште четири други лица се случи на северот на Газа, кога палестински експерти се обидувале да демонтираат израелска ракета. Од експлозијата се повредени повеќе лица, од кои некои се во критична состојба. Палестинските власти не ја прецизираат бројката на повредени.
Камили известувал како видеорепортер за новинската агенција „Асошиејтед прес“. Во несреќата загинал и неговиот палестински преведувач. Другите три загинати лица се полициски инженери. Меѓу повредените е и фотографот на „Асошиејтед прес“ Хатем Моуса.
35-годишниот Камили е првиот странски новинар кој загина во конфликтот во Газа. Тој зад себе ги остави долгогодишната партнерка и 3-годишната кеќра.
Во конфликтот во Газа во повеќе од еден месец загинаа над 1.900 Палестинци и 67 Израелци.