Италија како претседавач со ЕУ во борба против невработеноста на младите
1 јули 2014Италија денеска го презема ротациското претседателство со ЕУ, откако тоа во првите шест месеци од 2014 година и‘ беше доверено на Грција, наведуваат италијанските весници „Кориере дела сера“ и „Стампа“.
Во следните шест месеци премиерот Матео Ренци ќе го искористи италијанското претседателство со ЕУ за да ја мобилизира Унијата за борба против невработеноста кај младите, а ќе работи и на две други основни прашања битни за ЕУ - економскиот раст и проблематиката со нелегалната имиграција.
По повод преземањето на претседателството со Унијата, премиерот Ренци подвлече дека овие шест месеци Италија ќе се погрижи да ги убеди младите луѓе дека ЕУ е унија од држави во кои луѓето може да имаат надеж.
Италијанското претседателство со ЕУ ќе мине во знакот на штедење. Рим предвидува за него да потроши 68 милиони евра. Тоа е многу помалку во споредба со 170-те милиони, што Париз ги потроши за време на последното француско претседателство.
За време на италијанското претседателство со ЕУ ќе почне да заседава новиот Европски парламент и ќе се изберат водечките политички фигури во ЕУ - претседателот на ЕП, претседателот на Европскиот совет, претседателот на ЕК, првиот дипломат на ЕУ и европските комесари.