1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Италија: 1:0 против мафијата

Михаел Беверунге/Ж.А.27 јануари 2016

Машкиот фудбал е спорт број еден во Италија. Но во фокусот моментно е женски фудбалски клуб од Калабрија. Заканите од мафијата доведоа речиси до негово расформирање. Но, фудбалерките и‘ пркосат на мафијата.

https://p.dw.com/p/1HkgR
Фотографија: Getty Images/AFP/T. Fabi

Толкаво внимание не предизвикал ниеден натпревар од италијанскиот женски фудбал. Овој меч го пренесуваше дури и телевизијата, овде се работи за победа или пораз во нешто сосем друго. Успех е што жените играчи од клубот „Локри“ воопшто настапија.

Токму тоа некој сакаше да го спречи со методи слични на мафијашките, со заканата: или клубот ќе се расформира или ќе има мртви. Жените - играчи се несигурни, но заканите не ги задржаа.

Алесија Модести од женскиот фудбалски клуб „Локри“:

„На почеток се плашев, зашто не знаев што ќе се случи. Но, потоа сфатив дека не треба да чувствувам страв за нешто што го сакам: играњето фудбал.“

Исто реагира и нејзината соиграчка Росана Ровито:

„Никогаш не се плашев, овој спорт е нашата страст, продолжуваме, нема да потклекнеме пред ништо и никого.“

Погледнете го видеото:

Фудбалерките и‘ пркосат на мафијата

Екс-претседателот на клубот, Фердинандо Армени не можел да го победи стравот и дал оставка по примените лични закани. Некој повеќепати ги дупнал гумите на неговиот автомобил, му оставил заканувачки пораки. Или ќе го распушти женскиот клуб или ќе и‘ се случи нешто на неговата тригодишна ќерка:

„Секој реагира поинаку на закани или директен напад. Другите можат да демонстрираат храброст, но ако си лично погоден, е нешто сосем друго.“

„Локри“ на југот на Италија, тоа е Калабрија, земјата на Н‘дрангета, како што се нарекува тамошната мафија. Но фудбалот е ситна работа за Н‘дрангета. Таа заработува со трговија со дрога. Сепак, мафијата овде има многу лица. Организираниот криминал контролира многу клубови. Некој криминелец не им е толку наклонет на фудбалерките кои истовремено се залагаат за женските права.

Привремено, клубот го води градоначалникот, но никој не знае што ќе се случува натаму. Натпреварот, патем, го доби гостинската екипа од Рим. Но, пораз не доживеа „Локри“, туку мафијата, барем на еден ден.