Источна Украина пред нова ескалација
23 април 2014Антитерористичката акција против проруските сепаратисти, прекината за време на велигденските празници, продолжува во целост, соопшти привремениот претседател на државата Олександр Турчинов во Киев.
„Антитерористичката операција“ на истокот на Украина е неминовна бидејќи терористите демонстрантивно го занемарија Женевскиот договор. Безбедносните структури мора да вршат заштита на украинските граѓани кои живеат на истокот на Украина од терористите“, рече Турчинов.
Според него, „терористите, кои го држат како заложник целиот Доњецки регион, ја преминаа границата“, така што „почнаа да мачат и убиваат патриоти на Украина“.
„Тие дрско упатија предизвик не само на нашата држава, туку и на целата меѓународна заедница, кога демонстративно ги прекршија одлуките донесени во Женева, рече Турчинов. Притоа, тој се повика на пронајдените трупови на двајца луѓе во близина на Славјанск, кои биле брутално мачени пред да бидат убиени. Едниот од нив бил локален политичар на проевропската партија на поранешната премиерка Јулија Тимошенко.
Проруските сепаратисти задржаа американски новинар во Славјанск
Самопрогласениот градоначалник на Славјанск, Вјачеслав Пономаров изјави дека проруските сепаратисти задржале американски новинар.
Тој не го откри идентитетот на новинарот, но сајтот „Vice News“ објави дека се обидува да го ослободи својот соработник Симон Островски. И новинарите од регионот потврдија дека Островски вчера бил задржан од вооружени мажи. Сајтот „Vice News“ соопшти дека е во контакт со Стејт департментот за да му помогне на Островски. Претставничката на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) за слобода на медиумите Дуња Мијатовиќ изрази загриженост за нападите врз новинарите во источна Украина и побара итно ослободување на новинарот Островски.
Кери го предупреди Лавров на можни дополнителни санкции
Американскиот државен секретар Џон Кери во синоќешниот телефонски разговор со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров истакна дека Вашингтон може да воведе дополнителни санкции кон Русија додека не се смират тензиите во источните градови во Украина. Кери истакна дека е загрижен поради недостигот на позитивни чекори од страна на Русија за деескалација на кризата во источна Украина.
Стејт департментот соопшти дека Кери од Лавров побарал Русија да ја смири реториката и дипломатски да се ангажира за решавање на кризата во соработка со украинската Влада и Организацијата за безбедност и соработка во Европа. Кери побара Москва да ги повика вооружените сили кои ги зазедоа институциите во источна Украина да го предадат оружјето во замена за амнестија.
Лавров во телефонски разговор ја истакна неопходноста од итни дејствија на сегашните киевски власти со цел исполнување на договорот од Женева од 17 април. Лавров настојувал за „укинување на наредбите за користење на армијата против населението, за разоружување на борците од Десен сектор и други ултранационалистички формации, за ослободување од притвор и прекин на судското гонење на активисти на протестното движење во југоисточните региони“.