Источна Украина: ОН со тешки обвинувања против двете страни
28 јули 2014За да ја осигураат својата власт во Источна Украина воено силните бунтовници киднапираат луѓе, измачуваат и убиваат, се вели во извештај на Високиот комесаријат на ОН за човекови права. Во него се наведува дека вооружените групи посегнале и по јавни погубувања, ограбувале банки и подметнувале експлозив под железнички пруги.
Во борбите меѓу владините сили и милициите во населените региони загинаа голем број цивили, а илјадници луѓе се во бегство, се наведува во извештајот. Од средината на април годинава, според ОН, убиени се најмалку 1129 лица, а повредени повеќе од 3400. Во бегство се над 100.000 луѓе. Црвениот крст минатата недела првпат го окарактеризира конфликтот на истокот на Украина како граѓанска војна.
„Двете страни мора да спречат натамошно убивање цивили“, бара Високиот комесар на ОН за човекови права, Нави Пилај. Постапките на сепаратистите, но и на армијата, во вакви околности, мора да се окарактеризира како прекршување на хуманитарното меѓународно право, вели таа. Во борбите во Доњецк и Луганск двете страни употребиле тешко вооружување во населени подрачја, меѓу што и артилерија, тенкови и ракети, се констатира во извештајот на ОН.
Нема пристап до местото каде што е соборен MH17
Претпоставеното соборување на малезискиот патнички авион на средината од месецов, според проценки на ОН, би можело да се гледа како воено злосторство. Пилај нагласи дека ќе биде преземено се‘ за одговорните за соборување на патничкиот авион да бидат изведено пред суд.
Но истрагата на лице место оди тешко. На меѓународните експерти повторно не им успеа да дојдат до местото каде што се остатоците на авионот MH17. Поради жестоките борби коишто се водат во регионот, конвојот од 20 возила мораше да се врати, соопшти холандското министерство за правда. Местото каде што падна авионот е оддалечено 60 километри од Доњецк.
Русија, во меѓувреме, се изјасни за истрага која би била под раководство на ОН. Ваква истрага треба да почне што е можно побргу, изјави рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров. Мисија на ОН во регионот каде што се водат борби би можела да гарантира неопходна безбедност за иследниците, оцени тој.
Русија ја обвинува Украина дека го соборила авионот. Украина пак вината ја префрла на сепаратистите. Киев потврда за својот став гледа во сателитските снимки објавени од страна на Американците.