Источна Европа се самоукинува
15 декември 2018На Германија ѝ се потребни стручни кадри, пред сѐ, но не и исклучиво за нега во здравствениот сектор. Наједноставно решение е кадар да се побара во соседството. Против доселување во денешно време и онака се само луѓето кои живеат во минатото и десните популисти. „Миграција на квалификувана работна сила“ гласи магичната формула, а Германија се покажува отворена и влегува во глобалната битка за најдобрите кадри. Што ли би било тогаш контраргумент за новиот закон кој германската влада го изготви за да привлече и олесни вработување на млади лица, на пример од Балканот? Ништо, особено ако има многу невработени, како на пример во Косово, каде има вишок болничарки кои сакаат да се преселат во Германија. Покрај тоа, повеќето доселеници имаат подолго време роднини во Германија. Владата во Косово во секој случај не им стои на патот на среќата. Германската влада уште помалку. Би било добра идеја, чист „дил“.
Источна Европа се празни
Во источна Европа нештата се гледаат од друг аспект. Навистина имаме многу невработени медицински сестри, ќе чуете во Косово. Но, така не е зашто нема потреба од нив, туку поради тоа што нема доволно пари за да бидат вработени. Ниту една држава во Европа не одвојува помалку средства за здравство од Косово. „Негувај се сам“ е слоганот за пациентите. Но, не се само младите од Балканот тие што се селат во голем број на Запад, туку тоа е случај и со поновите членки на ЕУ. Летонија, на пример, по пресвртот изгуби повеќе од четвртина од нејзиното население, Романија и Литванија околу шестина, па дури и од Унгарија се шест проценти. Во Бугарија живеат околу 22 проценти помалку луѓе отколку во 1990, а до 2050-та, според актуелните прогнози, ќе бидат уште за четвртина помалку. За две третини од загубата на население е одговорна емиграцијата. За останатата третина вината лежи во намалениот наталитет.
Бесперспективност и низок животен стандард
Романија има најмалку лекари по глава на жител во ЕУ, Косово пак на целиот континент. Но, проблемот е само најевидентен во здравствениот сектор. Други бранши исто така се жалат на недостиг на кадри. Драматичен пад има на бројот на градежни работници. Во градежните центри во источна Европа со месеци се чека за почеток на планирани градби, бидејќи нема работници. Кога би биле подобро платени би граделе станови, кои за доселеници од руралните средини се ценовно недостижни. Тоа е магичен круг без излез. Не се работи веќе за чиста нужда која ги тера луѓето да заминуваат. Луѓе си одат бидејќи им се може. На запад има атрактивни понуди за обуки. Подобро обучените кадри ја ценат и атмосферата во западните метрополи. Разликата во платите исто така игра улога, иако не секогаш е решавачки фактор.
Но, работа во ниско платениот сектор во Германија и не е многу комфорна. Луѓето би се вратиле во своите земји. Но, причините за враќање, како на пример тоа што децата би растеле со мајчин јазик или што родителите стареат, се неспоредливи со аргументите против враќање. Платата би била двојно пониска. Некогаш не се признаваат дури ни дипломи од високи школи. Бирократијата е честопати неагилна.
Други колумни од авторот:
Моја Европа: Босанскиот леден мир
Моја Европа: Во ЕУ нема репарации
Истокот секогаш има лоши карти
Повратниците гледаат дека често можните позиции се зафатени од помалку образовани луѓе кои се пак многу подобро меѓусебно поврзани. Оние што се отворени и поавантуристички настроени се заминати, останати се најчесто оние ограничените. Оној којшто доаѓа од подалечните региони или селата, по враќањето му недостасува промената, разновидноста на активности за слободно време, како и сигурноста во властите и судовите. Во борбата за најдобрите умови Истокот секогаш имал полоши карти. Застрашувачки, во источноевропските земји намалувањето на населението не е голема тема, а ако веќе се тематизира, тоа е на погрешен начин. Тоа се пред сѐ десничарските партии кои се мобилизираат во борбата против „белата чума“ и предупредуваат од исчезнувањето на нацијата, но бараат жените да се вратат во кујните и сакаат да ја окарактеризираат емиграцијата како чин на предавство. Модерните, реформаторски ориентирани сепак не се огласуваат со критики – веројатно затоа што многумина од нив размислуваат да си ја побараат среќата на некое друго место.
Неопходно е да се делува. Кога цели региони се празнат, селата пропаѓаат, пензискиот систем крахира и нема никој кој ќе се грижи за населението кое сѐ повеќе старее, тогаш порано или подоцна тоа ќе стане проблем за целата Европска унија.
Европа мора да делува
Структурната политика можеби е проблем за одделни земји членки. Сепак, апелот е речиси бескорисен ако државите немаат средства за вистински да ги промовираат своите региони. Моделот на развој по падот на Железната завеса - масовни странски инвестиции, не е решение за одливот на населението: ако платите се зголемат, работниците можеби ќе останат. Но, си заминуваат инвеститорите. Ниту ниските даноци, со кои тие се привлекуваат во земјата, не се доволна мотивација, ниту решение за развој на неразвиените региони.
Европа, која се радува на работната сила од Истокот, порано или подоцна ќе мора да се грижи за оние кои останале. Треба да почне со зајакнување на Кохезионите фондови во ЕУ, наместо да ги крати. И нејзините средства да не се делат по глава на жител, туку според региони. Тоа би било почеток.
Норберт Мапес-Нидик живее во австрискиот град Грац и е дописник за Југоисточна Европа за бројни весници на германски јазик.