1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Иста политика во друго пакување

Гордана Симоновиќ / Симе Недевски29 јуни 2012

Ништо суштински нема да се промени во односите меѓу Хрватска и Србија со Ивица Дачиќ како српски премиер, сметаат хрватските експерти. Според нив односите Белград-Загреб ионака ги одредуваат други.

https://p.dw.com/p/15O1A
Фотографија: picture-alliance/Photoshot

„Да се случеше тоа пред десетина години, веројатно би имало последици и зголемување на стресот во регионот. Мислам дека такво нешто повеќе нема да има, бидејќи и сите држави во регионот се созреани, а и меѓународната заедница има силна улога“, истакна советникот на хрватскиот претседател Иво Јосиповиќ и професор на факултетот за политички науки во Загреб, Влатко Цвртила. Тој смета и дека „личноста која пред 10-15 години имаше поинакви политички гледишта, а сега има малку поостра реторика, можеби може да предизвика привремена загриженост, но не може да ги наруши вкупните односи во регионот“.

За Цвртила, исто така нереално е и нарушување на безбедносната ситуација, бидејќи никој во регионот нема таква моќ, а самата Србија има многу проблеми со својата внатрешна консолидација, од економијата до Косово, така што земјата ќе се соочува со тоа во наредниот период. „Повремено може да се случи поради слабите внатрешен напредок и резултати да биде отворено некое регионално прашање или да се појави изјава која ќе ја забавува публиката неколку денови, но сметам дека долгорочно односите не можат да се нарушат“, заклучува Цвртало.

Продолжување на унапредување на односите?

Претседателот на Српскиот народен совет и пратеник на Самостојната демократска српска партија во хрватскиот Сабор, Милорад Пуповац, смета дека односите меѓу двете држави во изминатите две години се значително унапредени, благодарение како на напорите на претседателите Иво Јосиповиќ и Борис Тадиќ, така и на двете влади, така што нема никаков сомнеж дека поради европската перспектива тие односи и натаму ќе се развиваат. „Задача на идната влада во Белград ќе биде продолжување на соработката, а како и со каква динамика таа ќе продолжи и ќе се развива, останува да се види“, претпазливо вели Пуповац.

Flaggen Serbien Kroatien
Фотографија: DW

Претседателот на хрватскиот Хелсиншки Комитет Иван Звонимир Чичак истакнува дека промени во односите меѓу двете земји веќе настапиле со, како што вели, „лицемерниот одбивен однос на Јосиповиќ кон Николиќ, кога хрватскиот претседател го услови своето доаѓање на инаугурацијата на Николиќ со негово одрекување од четничките ставови“. Јосиповиќ, потсетува Чичак, меѓутоа тоа не го бараше од Милорад Додик, кого го посети во Бања Лука, иако Додик во мај 1995 година пред собранието на Република Српска го поддржа бомбардирањето на Загреб.

Што се однесува до политичките одоси, Чичак смета дека нема ништо да се промени бидејќи Дачиќ и досега беше во владата на Србија како втор човек. „Неважно е дали тој е прв или втор човек, бидејќи станува збор за иста политика, но сега само во поинакво пакување“, вели Чичак и потенцира дека односите меѓу Хрватска и Србија ионака не ги уредуваат Загреб и Белград, туку „они кои ќе ги притиснат“.