Исламската заедница во БиХ ги осудува вахабитите
8 ноември 2011Аналитичарите се единствени во оценката дека Реис ул Улема на Исламската заедница во Босна и Херцеговина, Мустафа Цериќ, јасно укажал на погубноста на вахабистичкото движење и неспоивоста на т.н. „ново учење“ со традицијата на исламот во БиХ.
„По осумнаесет години молчење и неодлучност, уследи недвосмислена осуда на вахабистичкото движење“, вели политичкиот аналитичар Ибрахим Прохиќ, укажувајќи на потенцијалните причини за вртењето во Исламската верска заедница на БиХ.
„Можно е по терористичкиот напад врз американската амбасада во Сараево, зад јавната сцена да уследиле интензивни дипломатски притисоци, но и самата Исламска заедница да проценила дека работите отишле предалеку, дека ’новите муслимани’ – вахабитите или салафитите - веќе не се безопасни и дека претставуваат голем ризик за муслиманите во БиХ, за државата, па и за кредибилитетот на Исламската заедница на БиХ“, нагласува Прохиќ.
Изнуден потег на Исламската заедница?
Прохиќ вели дека поради досегашниот пасивен став кон вахабистичкото прашање над Исламската заедница ’лебди неизречена вина’.
„Сега од пораките на Реисот може да се заклучи дека вахабитите се проблем во БиХ кој има повеќестрани безбедносни, културолошки, верски и политички димензии. По нападот на амбасадата на САД тоа веќе никој не можеше да го порекне и мислам дека Исламската заедница на БиХ била принудена да реагира онака како што реагираше“, нагласува Прохиќ.
Бајрамското обраќање на реисот Цериќ имаше одеци и во Република Српска, но во сосема друг контекст. Од реисовото обраќање кон верниците професорот на универзитетот во Бања Лука, Миодраг Живановиќ, издвојува три клучни сегменти.
„Повикот за заеднички живот со висок степен на толеранција, осуда на вахабистичкиот терористички чин во Сараево и поддршка на палестинското барање за прием во ОН“, вели Живановиќ и додава:
„Насоките на Цериќ кон политичарите во БиХ можат да доведат до нови поделби внатре во националните и конфесионалните елити, бидејќи БиХ нема карактеристична надворешна политика, ниту институции кои би можеле да заземат единствен став".
Медиумите во Република Српска акцентираат други работи
Што се однесува до Република Српска, медиумите во прв план ја ставија пораката на Цериќ во врска со палестинското барање, додека речиси ништо друго не се слушна за апелот за толеранција. Многу малку е кажано и за неговата осуда на тероризмот и вахабитите“, дополнува Живановиќ.
Професорот Миодраг Живановиќ оценува дека таквиот однос кон пораките на Реис ул Улема на Исламската заедцница во БиХ се „заслуга на уредувачките политики во медиумите во Република Српска, односно на доминантните политички ставови во оваа елита, како и дека многу поголемо внимание би требало да се посвети на осудата на Цериќ на вахабистичкото движење и на повиците за соживот со меѓусебно разбирање“.
Автор: Самир Хусеиновиќ/ Александар Методијев
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска