1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Исламисти против исламисти

Диана Ходали/ К. Краљевска3 август 2015

Во Појасот Газа формирани се нови линии на фронтот: не војуваат само Хамас и Израел, им се придружи и „Исламска држава“. Исламистите се борат против исламисти.

https://p.dw.com/p/1FvdG
Фотографија: Reuters/I. Abu Mustafa

Видеото на терористичката група „Исламска држава“ (ИД) трае 16 минути. Овојпат говорот не се однесува на некој од западните државници, како што е чест случај. Овојпат терористите на ИД им се закануваат на своите сунитски браќа по вера: Хамас кои владеат во Појазот Газа. Или, како што ги нарекуваат „тираните од Хамас“. Видеото е снимено во Сирија, во покраината Алепо, упориште на ИД. Снимката се шири низ социјалните мрежи како пожар. „Ќе ја искорениме еврејската држава, вас (Хамас) и Фатах (кој владее на Западниот Брег). Веќе нема да има секуларни, зашто нашите маси постепено ќе ги преплават“, изјави маскираниот член на ИД.

„Исламска држава“ ја обвинува радикалната Хамас поради доближување до шиитскиот Иран. Трн во око се им и контактите со шиитиската организација Хезболах во Либан која, со поддршка на Техеран, во Сирија се бори на страната на претседателот Башар ал Асад.

Салафистите не се под контрола

Критиката на „Исламска држава“ е уште поекстремна: Хамас не го спроведува доволно строго шеријатскиот закон во појасот Газа. Ниту отпорот кон Израел не е доволно јак. „Начинот да се ослободи Палестина оди преку Ирак. Секој ден сме се‘ поблиску“, се заканува еден од мажите на видео-снимката. „Хамас е се‘ подалеку од целта“.

Иако „Исламска држава“ во Појасот Газа уште нема вистинска власт, се проценува дека таму има околу илјада поддржувачи и симпатизери. А тие стануваат се‘ погласни. Во јуни ја презедоа одговорноста за некои од ракетните напади над Израел. За среќа, немаше никаква штета.

Ban Ki-Moon zu Angriffen auf UN Schulen in Gaza
Уништено училиште на ОН во Појасот ГазаФотографија: Mahmud Hams/AFP/Getty Images

По жестоката војна со Израел во текот на летот во 2014 година, Хамас се обидува да го ограничи влијанието на екстремистичките групи кои го прекршуваат примирјето со Израел. Џамијата во која се молат сафиситите е разурната, а многу луѓе се уапсени. Лидерот на групата „Армијата на Исламска држава“, Јунис Хунар, е убиен додека давал отпор за апсење во почетокот на јуни.

Плоден терен за екстремизам

Ова не е првпат Хамас и салафистите да се судрат. Појасот Газа, опустошен и изолиран, е плоден терен за екстремизам - безнадежноста, невработеноста, недостаток на слободно движење, го карактеризираат секојдневниот живот на младите луѓе кои го сочинуваат мнозинството од населението. Сето ова ги турка во рацете на екстремистите. Многу Палестинци во 2006 година гласале за Хамас, се надевале на подобрување, но од тоа до денес нема ништо. Напротив.

Судирот на Хамас и поддржувачите на ИД не влијае само врз луѓето од појасот Газа. Ниту за Израел тоа не е добра вест. Израелскиот министер за државна безбедност Јизраел Кац, ја обвинува Хамас дека на Синај соработува со „Исламска држава“. Хамас тоа, меѓудругото, остро го отфрла.

Постојат гласови во Израел кои предупредуваат дека Хамас може да изгуби контрола над Појасот Газа. Исто така, во САД, Мајкл Флин, шефот на воената разузнавачка служба, уште во 2014 година, истакнал дека растурањето на Хамас не е добра идеја, бидејќи на регионот може да му претстои „нешто полошо“.