Исламисти од Албанија и од Балкан се борат во Сирија
18 март 2014ДВ: Антитерористичките единици во Албанија уапсија 8 лица кои регрутирале борци за Сирија. Тие прво оделе во Турција за потоа да заминат кон Сирија. Што се случува во овој поглед на турско-сириската граница?
Штајнберг: Заминувањето од Албанија кон Турција, а потоа кон Сирија не е никакво изненадување. Постои голем бран европски борци од сите можни земји, од Германија, Велика Британија, Франција, но и од Босна, од Косово, Австрија, Белгија, во правец на Турција. Во меѓувреме постојат градови во кои регрутите можат да отпатуваат, во кои без проблеми наоѓаат лица за контакт, кои потоа брзо ги префрлаат преку сириската граница. Новодојденците таму одат на обука во кампови и по желба се распределуваат кон различни групи. Тоа е феномен кој ни е познат веќе две години.
ДВ: Дали обуката се врши во Турција или во Сирија?
Штајнберг: Тренингот се одвива во Сирија. Турција е главно логистички регион и транзитна територија. Но, голем проблем е што Турција последниве години ги толерираше овие активности, од пред неколку месеци се обидува да ја ограничи слободата на движење барем на најопасните групи. Целосно земено, Турција е дел од проблемот, а не од решението.
ДВ: Феноменот е релативно нов за Албанија, повеќе е познат од Косово, од Македонија и од Босна. Колку се чувствителни земјите на Балкан кон овој феномен?
Штајнберг: Можеби исто така не е изненадување заминувањето на регрути во Сирија од Балканот. Ова помалку се однесува на апсолутните бројки. Најбројни се борците за Сирија кои тргнуваат од Велика Британија, Франција и Германија. Но, ако се гледаат бројките во однос на бројот на населението, малите држави се водечки и тука се Белгија, Австрија, Данска, но и Босна и Херцеговина. Ако се земе во предвид дека во Босна веќе две децении се присутни салафистички мисионерии проповедници, не е никакво чудо, а истото важи и за Косово, иако помалку за Албанија.
ДВ: Како функционира регрутирањето, со кои методи?
Штајнберг: Постојат различни приоди. Постојат луѓе со контакти кон териристичките мрежи, кои целно вршат регрутација, што главно се однесува на салафистичките културни центри или џамии. Тоа е феномен кој не е доволно испитан, зашто по правило овие луѓе постапуваат многу итро. Но, јасно е дека младите се регрутираат меѓусебно, носат свои пријатели и познаници во џамиите во салафистичката сцена и тогаш по правило се врши заминување кон Сирија. Се работи главно за групнодинамичен процес, а не за целно врбување. Не е точна претставата дека сириските организации имаат свои луѓе за регрутирање во Европа, такви случаи има поединечно, но по правило во прашање е иницијатива на европски доброволци.
ДВ: Какви мотиви ги водат овие луѓе да го ризикуваат и својот живот во Сирија?
Штајнберг: Постојат најразлични мотиви, кои варираат од земја до земја. Општо, многумина од нив се салафистички муслимани од убедување, кои сакаат да им помогнат на своите браќа по вера во Сирија. Разликата со Пакистан, Авганистан или Сомалија е во тоа што патувањето во Сирија е релативно едноставно. Од сите европски градови може да се отпатува во Турција само со личен документ. Постојат и други мотиви, на пример авантуризам, но најважна причина се сепак грозните слики кои стигнуваат од сириското боиште.
ДВ: Муслиманската заедница во Албанија се огради од имамите кои организираат патувања во Сирија.
Штајнберг: Најголем дел од борците припаѓаат на салафистичката сцена, која е поддржувана од Саудиска Арабија и други држави од Персискиот Залив. Салафистите се дистанцираат од останатите муслимани, ја истакнуваат својата како единствено правилна интерпретација на исламот. Тие развиваат одредена агресивност, а кај порадикалните групи оваа агресивност преминува во насилство, која потоа се отсликува во џихад, света војна.
ДВ: Парламентот во Косово усвои предлог-закон кој забранува учество во странска армија. Дали тоа може да помогне?
Штајнберг: Во повеќе земји постои таков закон, и во Германија. Тоа е средство против регрутирањето борци за Сирија.