Искоренување на сиромаштијата за 15 години
25 септември 2015Денеска во Њујорк ќе се соберат околу 160 шефови на држави или на влади за да договорат една обемна и глобална агенда за одржлив развој. Таа содржи цели со чие спроведување би требало до 2030. година да бидат надминати гладот, сиромаштијата и социјалната нееднаквост, да биде заштитена природната околина и да биде засилена положбата на човековите права.
„Шансите се толку поголеми од ризиците, што треба само да ги препознаеме и да ги искористиме“, рече германскиот канцелар Ангела Меркел во вчерашната владина изјава во Бундестагот, пред да отпатува за Њујорк. Таа искажа увереност дека ќе успее реализацијата на целите од агендата и истовремено најави чувствително зголемување на финансискиот ангажман на Германија за реализација на развојните цели.
Собир на водечките светски лидери
На овој светски самит во седиштето на Обединетите Нации до недела државниците ќе дебатираат за спроведувањето на тие цели. Непосредно пред почетокот на самитот на учесниците ќе им се обрати папата Франциско. Меѓу учесниците се и американскиот претседател Барак Обама, претседателот на Русија Владимир Путин и шефот на кинеската држава Ши Џинпинг. За првпат во седиштето на ОН во Њујорк ќе дојде и претседателот на Куба Раул Кастро.
Самитот на ОН е најголемата таква манифестација во 70-годишната историја на светската организација. Во Њујорк веќе со денови од безбедносни причини е забранет сообраќајот на дел од улиците.
СДГ - Цели за одржлив развој
Агендата, што треба да биде усвоена со акламација и тоа уште на самиот почеток на самитот, содржи 17 цели и 169 потточки. Тие се резултат на еден процес на подготовка кој се одвиваше од 2012. година, со учество на политичари, научници, но и на претставници на граѓанското општество. Во гласањето во интернет за тие цели учествуваа повеќе од осум милиони луѓе.
Новата агенда СДГ (Сустејнебл дивелопмент голс - Цели за одржлив развој) предвидува сузбивање на здравствени опасности како епидемии и посилна заштита на природната околина и на климата. Освен тоа, сите луѓе би требало да добијат пристап до чиста вода и тоалети. Треба да се елиминира и запоставувањето на жените и девојчињата, а секој човек да може да користи сигурна и еколошки поволна енергија.
Агенда за сите, а не само за земјите во развој
Новата агенда претставува продолжение на Милениумските развојни цели договорени во 2000. година, а со важност до крајот на 2015. Повеќе од тие цели беа делумно постигнати - на пример, речиси е преполовен бројот на луѓе кои страдаат од глад и екстремна сиромаштија. За разлика од тие милениумски цели, овојпат треба да има и акционен план, кој ќе се однесува не само на земјите во развој, туку и на земјите во забрзан подем, како и на индустриските земји.
Хуманитарните организации го поздравија планот, но укажаа и дека веројатно нема да биде едноставно спроведувањето на амбициозните цели.