1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Иран: Поддршката за Асад е приоритет

Шабнам фон Хајн/Ж.А.2 октомври 2015

Техеран нема намера да се откаже од поддршката кон алавитскиот режим во Сирија. Помалку е јасно какви се плановите за конкретна акција во борбата против теророзмот и „демократизацијата на Сирија“.

https://p.dw.com/p/1GhXO
Фотографија: picture-alliance/Geisler-Fotopress

Иран сака да учествува во меѓународното решавање на проблемот во Сирија-тоа претставниците на Иран јасно го ставија до знаење во текот на Генералното собрание на ОН во Њујорк. Но, исто толку јасно кажаа дека нивната визија за решение никако не вклучува соборување на Башар ал-Асад од власт. Со тоа Иран стои на страната на Русија. „Ние сме единствени во ставот дека владата во Дамаск не смее да биде ослабена“, рече во својот говор претседателот на Иран, Хасан Рохани. „Ние“ притоа се однесува на Иран и Русија.

Рохани исто така најави поддршка кон соседните земји на Сирија и Јемен во борбата против терористите и „подготовка на пат кон демократија“. Во говорот не беше директно споменат Башар ал-Асад. Меѓутоа, еден ден порано Рохани изјави дека протерувањето на Асад би создало „рај за терористите“. Може да се размислува за реформа на власта во Сирија, но тоа не смее да биде приоритет во однос на борбата против терористите, вака СиЕнЕн ги пренесува зборовите на иранскиот претседател. За оваа телевизија тој уште дополнил-„нема друго решение, освен јакнење на централните власти.“

Накратко, Иран нема намера да преговара околу својата безрезервна поддршка на шиитско-алвитскиот режим во Дамаск. „Добриот однос кон владата на Асад ја покажува големината на влијанието на Иран во регионот. Сирија истовремено е логистички важен мост за поддршка на шиитскиот Хезболах во Либан“, вели Камран Матин, експерт за меѓународни односи од англискиот универзитет Сасекс. Во разговор за Дојче веле, тој ја истакнува посилната стартна позиција на Иран во преговорите со другите регионални и светски сили, зашто со Сирија официјално владее голем пријател на Иран.

Syrien Sergej Lawrow und Bashar Assad in Damaskus
Сергеј Лавров и Башар ал-Асад во ДамаскФотографија: picture-alliance/dpa/Stringer/Ap/Pool

Мистериозен генерал

Демонстрацијата на заедништво на Русија и Иран во Њујорк не е никакво изненадување. Во средината на септември во Москва по вторпат престојуваше генерал Касем Солејмани, командант на единицата Кудс, елитна трупа на Иранската револуционерна гарда. Таа единица е задолжена за специјални задачи вон границата на земјата. „Иран и Русија во последните години редовно ја усогласуваа политиката кон претседателот Асад“, вели Мосен Милани од Центарот за стратешки и дипломатски студии во Универзитетот Јужна Флорида. „Според извештаите на медиумите, командантот Солејмани веќе со години раководи со иранските операции во Сирија.“

Во последните две години иранските медиуми објавија фотографии и извештаи во кои Солејмани е претставен како еден од најважните водачи на шиитските паравојски кои во Ирак и во Сирија се борат против Исламска држава. Во американските медиуми за генерал Солејман се плетат уште поголеми приказни, за тоа дека наводно е еден од најмоќните луѓе на Блискиот Исток, дека од заднина ги влече конците на сириската граѓанска војна. Што и да е точно од тоа, факт е оти Москва по втората посета на Солејман го засилува военото присуство во Сирија.

„Последните месеци сириската војка претрпе бројни порази“, вели политикологот Камран Матин. Тој смета дека сириската регуларна армија не успева да се спротистави на џихадистите. „Ако се распадне режимот во Сирија, тогаш Исламска држава би била единствена сила способна да ја приграби моќта. Распадот на сирискиот режим би имал погубни последици по целиот регион“, предупредува Матин.

Iran General Ghasem Soleimani
Иранскиот генерал Касем СолејманиФотографија: Tasnim

Иран не е врзан за Асад

Игледа дека до сличен заклучок стигна и Вашингтон. „Во моменталната ситуација има смисол да се разговара со иранските власти за Сирија“, изјави заменикот на шефот на американската дипломатија, Венди Шерман. А неговиот шеф Џон Кери нешто позавиткано изјави дека во заседанието на Генералното собрание на ОН гледа „значајна прилика цела низа земји да преземат важни улоги во решавањето на еден од најтешките проблеми на Блискиот Исток.“

Техеран веќе зборуваше за нов мировен план за Сирија што се подготвува во договор со Москва, а кој предвидува „национално помирување“, преговори и демократски избори. Не е позната конкретната содржина на планот. „Не знам како Иран планира да ја оконча крвавата војна во Сирија. Целта секако останува одржување на проиранскиот режим, со или без Асад“, смета американскиот политиколог Милани. Поинаку кажано, на Техеран му треба верен режим во Дамаск, но не е посебно врзан лично за Башар ал Асад. Затоа, според Милани, ако Иран успее на друг начин да ги обезбеди своите интереси, тогаш ќе биде подготвен да преговара и за судбината на Асад.