Интервју на неделата: Ангела Меркел, опозиционен кандидат за канцелар
1 јуни 2005Прашање:
Според сегашната состојба во анкетите на јавното мислење, партиите на Унијата би освоиле апсолутно мнозинство. Би можеле ли навистина да ја остварите таа цел на изборите за Бундестагот?
Одговор:
За тоа воопшто не станува збор. Ние се бориме за да бидеме најсилна партија и поаѓаме од тоа дека би можеле да формираме коалиција со ФДП - Партијата на слободните демократи. Но, треба уште многу да се стори додека да се дојде до таму. Ни претстои напорна предизборна борба, во која можеме да влеземе со оптимизам, но која уште ни од далеку не е добиена.
Прашање:
Да, добро. Но, апсолутно мнозинство би било уште поубаво.Тогаш не би требале да чекате на коалиционен партнер.
Одговор:
Јас сум реалист, односно реалистка, и поради тоа важи она што го реков претходно.
Прашање:
Политичарите денес веќе не се осмелуваат на избирачите јасно да им ги претстават работите. Вие сега сакате да настапите со програма на чесност. Со кои прецизни искажувања ќе оди Унијата во предизборна борба?
Одговор:
Ние тоа ќе го претставиме на 11-ти јули во нашата владина програма, која потоа ќе ја усвојат раководствата на ЦДУ и ЦСУ. Ние ќе мора да поаѓаме од ситуацијата што сега ќе ни ја остави црвено-зелената влада, а таа, што се однесува до буџетот, како и што се однесува до невработеноста, е многу тешка. Едно е важно: „Агенда работа“ гласи нашата девиза, што значи дека ние ќе направиме се’ што носи предимство за работни места.
Прашање:
Значи ли тоа дека веднаш ќе има даночна реформа, сосем се’ едно како таа ќе изгледа? Унијата во март минатата година го поднесе својот концепт за модерно даночно право. Тој предвидува намалување на најниската даночна стапка од 15 на 12 насто, а највисоката би изнесувала 36 проценти и би се применувала за приходи од преку 45 илјади евра.
Одговор:
Нашиот Концепт 21 со првиот степен е веќе обелоденет. Ние уште еднаш ќе фрлиме поглед врз него, да видиме дали одговара за сегашните услови, но во принцип тоа ќе биде итна мерка, по која потоа ќе следи една голема и уште посеопфатна даночна реформа. Во таа смисла овде веќе однапред е извршена голема работа.
Прашање:
Ќе донесете ли решение за намалување на данокот за претпријатијата, како што беше договорено за самитот за работа?
Одговор:
Ние секогаш велевме дека всушност имаме потреба од сеопфатна даночна реформа, што значи дека сега тоа ќе го вградиме. Но, пред се’ ни е потребно уредно нејзино контра-финансирање, односно компензирање од делот на трошоците. Тоа е еден од пунктовите на кој и Зелените се многу незадоволни од сојузниот канцелар. Меѓу другото и затоа што нам ни вети дека има солидно контрафинансирање, а за жал не е така. Во принцип е правилно ние да мораме да се обидеме на претпријатијата да им создадеме конкурентни услови во меѓународниот бизнис.
Прашање:
Госпоѓо Меркел, вие и денеска повторивте дека сакате социјалните придонеси да ги одвоите од платите. Како сакате тоа да го финансирате?
Одоговор:
Ние сме за солидарни премии за здравствена заштита, што значи дека меѓу ЦДУ и ЦСУ е договорено делумно одвојување на здравствените трошоци од трошоците на работењето. Тоа би значело дека во иднина децата, односно трошоците за нивната здравствена заштита и лекување, би биле финансирани од даночниот систем. Како последица на ова го преработивме нашиот даночен концепт токму за таков случај. Ние останавме на ниска влезна стапка на оданочување, но рековме дека поради тоа не можеме многу да ја намалиме највисоката даночна стапка и од тоа треба да се финансира здравствената заштита на децата.
Прашање:
Но, нема ли да Ви треба евентуално и зголемување на данокот на додадена вредност?
Одговор:
Ние сега не дискутираме за поединечни мерки и мислам дека мора да се каже оти во економски лоши времиња, кога уште треба да се затнат и дупки во буџетот, даноците навистина не се ’понуда на мигот‘. На друга страна – и тоа спаѓа во чесноста – ние во јули мораме да оцениме и каков вид на празнини во буџетот ќе ни бидат оставени и какви неопходности имаме во реформата на социјалните системи. Поради тоа, на прашањата ќе одговориме на 11-ти јули во еден целосен концепт. Тоа сега во поединечен случај воопшто не можам да го кажам.
Прашање:
Во политиката секогаш се вели дека по изборите веднаш мора да се средат грозните работи. Кои се таквите работи што вие би можеле да си ги претставите?
Одговор:
Мислам дека зборување за грозни работи воопшто не е она што и’ треба на Германија, туку повторно ни треба надеж, а за да имаме надеж за поголема меѓународна конкурентност, за повеќе работни места, мораме да ја намалиме бирократијата. Можеме да направиме страшно многу работи кои не чинат пари и никому не му причинуваат бол. Мора да внесеме малку храброст да се оди и по нови патишта, зашто живееме во свет кој целосно се менува. Тоа едноставно значи дека нашето социјално пазарно стопанство и нашата демократија сега мораат да се докажат во услови на глобализација. За тоа, пак, мораме да го сториме она, што некои други земји околу нас веќе го направија. Тоа не би го нарекла грозни работи, туку би го означила едноставно како предуслови за надеж.
Прашање:
Госпоѓо Меркел, сметам всушност дека е излишно да го поставам прашањето за жените, оти тие се’ умеат барем исто толку добро, колку и ние мажите. Но, го сметате ли за општествен пробив што една жена во септември може да стане канцелар?
Одговор:
Таков случај сосем очигледно досега немаше во историјата на Сојузна Република Германија и во спроведувањето на уставот е добро што сега го има. Зашто, во него стои дека жените и мажите се рамноправни и во таа смисла е в ред еднаш да се случи кандидат за канцелар да е жена.
Прашање:
Не е ли забележителен момент што една политичарка, која е израсната во Германската Демократска Република, е именувана за кандидат за канцелар на цела Германија?
Одговор:
ЦДУ отсекогаш се сфаќаше себе си како партија која се залага за германското единство и поради тоа кога некој од новите сојузни покраини, од поранешната Германска Демократска Република, може да има таква позиција, тогаш тоа е, така да се каже, и спроведување на нашата партиска програма. Тоа не е ни предност, ниту хендикеп, тоа е сопствено биографско искуство, како што има секој човек, и јас го носам со себе. Верувам и дека ќе можам да дадам и некаков придонес.