1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Редот на Мајка Тереза осомничен за продажба на бебиња

17 јули 2018

Властите во Индија наредија итна истрага во сите домови за згрижување деца раководени од редот на Мајка Тереза. Истрагата се случува откако една калуѓерка и еден добротворен работник беа обвинети за продажба на деца.

https://p.dw.com/p/31aAl
Indien Mother Teresa Wohltätigkeitshaus
Полицијата го затвори домот за немажени мајки во провинцијата Џарканд во ИндијаФотографија: Reuters/Stringer

Сите регионални влади во Индија добија инструкција „веднаш да извршат инспекција во сите домови за згрижување деца кои ги раководи црковната организација 'Мисионери на милосрдието' низ целата земја“, се наведува во соопштението на индиското министерство за жени и деца. На почетокот на месецов полицијата затвори еден дом за немажени мајки во провинцијата Џарканд поради сомнеж за трговија со деца. Една калуѓерка и вработен во домот беа уапсени и обвинети дека продале пет бебиња за неколку илјади долари.
Активистите велат дека големата побарувачка за посвојување во Индија довела до илегални шеми кои вклучуваат и случаи на бебиња и деца кои се продаваат преку мисионерски центри.

Indien - Mother Teresa Charity - Missionare
Мисионерки од редот на Мајка Тереза во ИндијаФотографија: picture-alliance/AP Photo/B. Das

Министерството ветува остри акции

Министерството најави дека сите институции за детска помош мора да бидат регистрирани и поврзани со сојузните власти за посвојување до крајот на следниот месец. Иако и сега е обрзувачка регистрацијата на сите такви организации, Министерството вели дека 4.000 центри се уште не го комплетирале процесот. Раководителката на државната комисија за заштита на деца во Џарканд, Арти Куџур изјави дека државата формирала тимови кои треба да ја испитаат состојбата во сите домови, и се надева дека извештајот ќе биде на располагање следниот месец.
„Доколку пронајдеме домови кои функционираат илегално, ќе преземеме остри акции“, изјави Куџур за Ројтерс.
Од основањето од страна на Мајка Тереза во 1950 година, Мисионерите на милосрдието формираа стотици институции и неколку домови за немажени и бремени жени низ цела Индија.
Мајка Тереза ја доби Нобеловата награда за мир во 1979 година, а папата Франциско ја прогласи за светица во 2016.