1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Инаугурацијата на Иванов - главен тест за преговарачките позиции на ДУИ

Катерина Блажевска6 мај 2014

Досега не е идентификувана некаква форма преку која ДУИ пост-фестум би можела да покаже „наклонетост“ кон претседателот, а да не ја посипе со пепел комлетната партиска политика по тоа прашање

https://p.dw.com/p/1BuJ2
Фотографија: picture-alliance/dpa

Инаугурацијата на претседателот Ѓорге Иванов ќе биде главен тест за тоа како ќе се одвиваат започнатите преговори со ДУИ за состав на новата влада, брифираат партиски извори од ВМРО-ДПМНЕ. Најдоцна до идниот понеделник, 12 мај, кога истекува претходниот претседателски мандат, треба да се одржи седница за инаугурацијата на Иванов за вториот мандат. На седницата нема да присуствуваат 34-те пратеници на коалицијата на СДСМ која и со нотарски изјави го формализира враќањето на мандатите. Не се очекува ни присуство на ДУИ, која уште пред изборите најави дека нема да го признае легитимитетот на претседател, кој не е избран според принципот на консензуалност. Тоа го покажа и при доделување на уверението од ДИК, кога Иванов беше бојкотиран од заменикот- претседател на Комисијата од редовите на ДУИ, Субхи Јакупи.

Подалеку од надлежностите на претседателот?

Во ДУИ не сакаат јавно да зборуваат, но навестуваат дека „признавањето на легитимитетот на Иванов, би бил 'самоубиствен чекор' за партијата, откако целата кампања ја поминаа во објаснување на новиот концепт за избор на претседател, а бојкотот на претседателските избори стана еден вид референдумско изјаснување во корист на таа идеја“. Неофицијално, од ДУИ се очекува да најде начин да го признае легитимитетот на Иванов, особено ако планира да добие ресори директно поврзани со надлежности на шефот на државата, како на пример, Минстерството за одбрана. Досега, не е идентификувана некаква форма преку која ДУИ пост-фестум би можела да покаже „наклонетост“ кон претседателот, а да не ја посипе со пепел комлетната партиска политика по тоа прашање. Иако ДУИ засега „бега“ од ресори поврзани со претседателот, нема одговор на прашањето како би функционирал односот со него, ако биде прифатено нивното барање да ја добијат функцијата претседател на Собранието, кога се знае дека во одредени ситуации спикерот го заменува шефот на државата. Ова се и дел од причините поради кои, според извори од двете партии, преговорите за состав на новата влада нема да бидат лесни, иако сега се во фаза на утврдување само „на генералните принципи и насоки“, а дури потоа за конкретна поделба на ресори. Се навестува дека ДУИ ќе добие многу помалку од претходниот мандат, без оглед што сега има повеќе пратеници. ВМРО-ДПМНЕ во евентуална коалиција со ГРОМ би имала 62 пратеника, а маневарскиот простор на ДУИ го стесни ДПА, која без никакви барања се стави на располагање за поддршка на новата влада, со што им ја симна преговарачката цена на интегративците.

Präsidentschaftswahlen in Mazedonien
Али АхметиФотографија: Petr Stojanovski

Тешки преговори

„Внимателно, без еуфорија и со разум треба да се водат преговорите со ВМРО-ДПМНЕ за состав на новата влада, кои ќе одат тешко“, изјави Ахмети, за албанската телевизија А1 Репорт. Тој порача дека ДУИ нема да отстапи од идејата да се смени начинот на кој во иднина ќе се избира шефот на државата, како и од барањето на една од трите клучни државни функции. Иако разговорите се водат во голема дискреција, изјавата на Ахмети е директна потврда дека ќе инсистира на претседателската функција во Собранието. Во „пакет“ со неа влегува и промена на Деловникот, со цел идниот претседател, ако биде Албанец, да ги води седниците на албански јазик. Најавената политика за деблокирање на интегративниот процес значи дека ДУИ е заинтересирана за секторот за евроинтеграции или за МНР, потоа за екомските ресори, односно за вицепремиерското место за економски прашања и за Управата за јавни приходи. Оправдан ли беше изборниот повик на Груевски за „заштита од уцените на ДУИ“? Аналитичарот Даут Даути вели дека во принцип не и придава значење на изборната реторика.

„Не ми стана јасно што значеше целта да се обезбедат 62 пратеника, бидејќи ВМРО-ДПМНЕ имаше дури и повеќе од 62 мандата на едни од претходните избори. Во последниот мандат ги немаше, па со што беше уценувана од ДУИ и со што беа загрозени националните интереси? Нели битката за меѓународна афирмација на Македонија ја водеа министри од ДУИ во ресорот за евроинтреграции. Каде ДУИ застана против интересите на Македонците, на пример, по прашањето на името? Кому му ветиле дека тие би го продале? Затоа сметам дека целта за 62 пратеника повеќе беше да се заведе македонското гласачко тело. Со или без апсолутно мнозинство, остануваат прашања кои треба да се решат, тоа се обврски од Рамковниот договор, а по 13 години, одамна требаше да бидат затворени. Премиерот пред некој месец изјави дека правичната застапеност сѐ уште не е исполнета. Тоа не е вина на ДУИ. Поради масовни вработувања на кадри на ВМРО-ДПМНЕ, се што е постигнато кај застапеноста на Албанците и другите помали заедници, се распрсна како меур од сапуница. ДУИ и премногу молчеше и за распределбата на буџетските пари за споменици и слични работи, запоставајќи ја културата на својот народ. Но, во јавноста 'црната овца' е ДУИ, и покрај многу коректното држење до сето она што значеше сензитивност за македонскиот народ“, оценува Даути.

Mazedonien Parlament Skopje
Фотографија: AP

Нема алтернатива

Иако изгледа дека ВМРО-ДПМНЕ ја контролира целата ситуација, според аналитичари токму непризнавањето на изборите од страна на СДСМ, ја става ВМРО-ДПМНЕ во ситуација да ги прифати барањата на ДУИ, за да се избегне натамошно продлабочување на кризата.
„Свесна токму за оваа ситуација, ВМРО-ДПМНЕ ја употребува ДПА со закани за нејзино вклучување во власта, за барем малку да се намалат барањата на ДУИ“, вели аналитичарот Исмет Рамадани. Според Даути, согласно резултатите, најреално е во новата влада да се најдат старите коалициски партнери.

„Зошто ДУИ, со безмалку 20 пратеника, да им обезбедува двотретинско мнозинство на други коалициски партнери како опозиција. Победничката партија кај албанското гласачко тело повеќе и треба на македонската победничка партија, за да има цврсто и стабилно мнозинство, отколку обратно. Особено сега кога имаме сериозен бојкот на опозицијата (СДСМ), повеќе од потребно е да го има тоа мнозинство. На крајот, коалицирање на двете победнички партии е системска потреба, иако уставно не е предвидено“, вели Даути.

Mazedonien Wahlen Gruevski Sieg 28.04.2014
Никола ГруевскиФотографија: picture alliance/AP Photo

Дел од аналитичарите предупредуваат дека токму ваквата ситуација станува парадоксална, бидејќи воопшто не овозможува политички ротации во власта. „Со години ДУИ се бетонира во власта и покрај идеолошките разлики со коалицискиот партнер, но никогаш поради тие разлики не се откажала од учество во извршната власт, како што тоа го направи, на пример, Сириза во Грција“, коментираат аналитичари.

Здружението „Македонски манифест“, вчера му порача на Груевски да не ја вклучува ДУИ во новата влада, бидејќи со непризнавањето на новоизбраниот претседател се дисквалификува како партнер од извршната власт. Здружението побара Ахмети јавно да ги признае резултатите од претседателските избори, а за формирање на Владата препорачуваат да се консултираат и други партии, па и опозициската СДСМ.

Но, не се сите уверени во ламентирањето за тежината на преговорите. Според аналитичарот Арсим Зеколи, „изглумената 'драма' и тековната 'тензија' за тоа кој од сегашните коалициски партнери ќе влезе во новата влада, е само маневар за одвлекување на вниманието од бојкотот на опозицијата и купување време до летните одмори“. И покрај ваквите сомневања, извори од ДУИ тврдат дека „за разлика од претходните години, овојпат воопшто не се сигурни каков ќе биде исходот од преговорите“.