1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Инаугурација на Ѓорѓе Иванов

12 мај 2009

Технички се‘ е подготвено за новиот претседател на Македонија. Но, политичко-дипломатскиот амбиент за денешната (12.05.2009) инаугурација на шефот на државата е контроверзен.

https://p.dw.com/p/HnvX
Ѓорѓе ИвановФотографија: Petr Stojanovski

Опозициските лидери во албанскиот политички кампус, пред се‘ околу демократската партија на Албанците, со се‘ пратениците, ќе го бојкотираат инаугурирањето на Иванов.

„Мислам дека на сите им е јасно оти тој е претседател само на Македонците и на семејството Ахмети и Селмани. Тој нема легитимитет од страна на Албанците“, рече Мендух Тачи, лидер на ДПА.

Во опозициската Нова демократија на Имер Селмани се‘ уште има резерви околу политичко-етничката платформа на Иванов и оттаму неизвесноста до последен момент - дали неговите пратеници ќе бидат присутни на инаугурацијата на шефот на државата. И во владејачката ДУИ се појавуваат резерви, но се‘ поизвесно е дека ќе преовлада ставот на Ахмети дека засега не е потребно да се затегнуваат односите во владата.

„Ќе биде лошо и за Македонија и за новоизбраниот претседател Иванов, ако стартува со седница на која што нема да бидат присутни еден дел од политичките партии. Тоа сме го имале во минатото, и тоа не било вовед во добро претседателство“, вели Радмила Шеќеринска, пратеник и екс-лидер на СДСМ.

Да се почитува институцијата - претседател на државата

Опозициските социјалдемократи ќе бидат присутни во парламентот. ЕУ-амбасадорот во Македонија Ерван Фуере пледираше за почитување на институцијата - претседател на државата. Проблемите, меѓутоа, се појавија откако косовскиот претседател Фатмир Сејдиу демантираше дека властите во Скопје го поканиле на инаугурацијата на Ѓорге Иванов, иако од Скопје се тврдеше дека спикерот на парламентот, Трајко Вељановски испратил таква покана до властите во Приштина.

Präsidentschaftskandidat Geogi Ivanov in Mazedonien
Иванов победи со над 450 илјади гласовиФотографија: AP

„Не би коментирал, би ве упатил на Претседателот на Собранието за тоа прашање“, лаконски одговори на прашањата на новинарите, премиерот Никола Груевски.

За првпат во историјата на самостојна Македонија, на промоцијата на петтиот претседател на државата, ќе присуствуваат и неколку државници од соседството, како хрватскиот претседател Стипе Месиќ, албанскиот Бамир Топи, српскиот Борис Тадиќ и црногорскиот Филип Вујановиќ.

Универзитетскиот професор Ѓорге Иванов победи на претседателските избори со над 450 илјади гласови, но само по три недели, неговиот рејтинг меѓу политичарите со највисока доверба е десетпати помал од рејтингот на Груевски и трипати помал од рејтингот на претседателот во заминување, Бранко Црвенковски.


Автор: Александар Чомовски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи