1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Илјадници Палестинци бегаат од израелската армија

ЖА/дпа/афп/миа/ртре19 јули 2014

Во израелската копнена офанзива во Појасот Газа има стотици загинати, а десетици илјади Палестинци се во бегство. Генералниот секретар на ОН најави посредување во конфликтот.

https://p.dw.com/p/1CfRj
Фотографија: picture-alliance/AA

Во рок од 24 часа бројот на луѓе кои побарале заштита во засолништата на Организацијата на ОН за палестински бегалци УНРВА од 22.000 пораснал на 44.000 луѓе, јавува портапролот Крис Гунес. Бегалците се сместени во 34 кампови.

Најважните израелски организации за заштита на човековите права побараа воспоставување „хунамитарен коридор“. Во писмо до израелскиот министер за одбрана Моше Јалон тие побараа итни мерки кои ќе овозможат Израел да ги исполни своите правни обврски, како транспорт на ранетите. Освен тоа, мора да се овозможи спасувачките екипи да ја вршат својата работа без ризик по својот живот, истакнуваат активистите.

Бан патува на Блискиот Исток

Генералниот секретар на ОН Бан Ки-мун би можел денеска да тргне за Блискиот Исток да помогне во посредувањето на запирањето на судирите во Појасот Газа меѓу Израел и Хамас, најави претставник на ОН.

Потсекретарот во ОН за политички прашања Џефри Фелтман го изјави тоа синоќа на итниот состанок на СБ на ОН за судирите во Газа. Тој, исто така, напомена дека прекинот на огнот е неопходен за да потребните хуманитарни напори да дадат резултати. Фелтман предупреди дека агенцијата на ОН за бегалци ги исцрпела своите можности. Илјадници израелски војници преминаа синоќа на палестинска територија, на десеттиот ден од израелската воена операција од воздух со цел да се запре ракетирањето преку границата и да се блокираат тунелите кои екстремистите ги користат да се уфрлат во Израел.

Обама: САД го поддржуваат правото на Израел на самоодбрана

Американскиот претседател изрази длабока загриженост од најновиот развој на ситуацијата на Блискиот Исток. Барак Обама синоќа изјави дека побарал од израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху да го минимизира бројот на цивилни жртви во копнената офанзива во Појасот Газа, како и дека САД го поддржуваат правото на Израел на самоодбрана. „Ниту еден народ не треба да прифати истрелување ракети преку своите граници, ниту пак префрлање на терористи преку тунели на своја територија“, изјави Обама пред новинарите во Белата куќа.

Обама претходно во телефонски разговор со Нетанјаху ја најавил посетата на американскиот државен секретар Џон Кери, кој доаѓа во регионот.

Türkei Protest gegen den Angriff von Israel auf den Gazastreifen
Жестоки протести во Турција против офанзивата на Израел во Појасот ГазаФотографија: picture-alliance/dpa

Сосема други тонови доаѓаат од Турција. Турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган го обвини Израел за геноцид, со што за Анкара е исклучено нормализирање на односите со Тел Авив. По судирите во рамките на протестите пред израелскиот конзулат во Истанбул и амбасадата во Анкара против израелската офанзива во Појаост Газа, Израел им даде налог на дел од своите дипломати да ја напуштат Турција.

Ештон: ЕУ загрижена поради ескалацијата на насилствата во Газа

Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Кетрин Ештон истакна дека Унијата е „силно загрижена“ поради ескалацијата на насилствата во Појасот Газа, вклучително новите ракетни напади врз Израел и израелската копнена операција.

„Ги повикуваме сите страни итно да се договорат за прекин на огнот. Нагласуваме за потребата од овозможување на целосен и итен пристап до хуманитарна помош“, се нагласува во соопштението. Ештон го поздрави напорот на регионалните партнери, особено иницијативата на Египет за прекин на огнот.

„Ги повикуваме сите страни за деескалација на ситуацијата, прекин на насилствата и страдањето на цивилното население. Треба да се најде итно решение, што ќе обезбеди мир и безбедност за сите Израелци и Палестинци“, се нагласува во соопштението.