Илир Мета: Албанците се фактор на интеграција на Балканот
9 ноември 2013Дојче веле: Господине Мета, во текот на локалните избори на северот на Косово имаше и насилство. Како Вие ги оценувате изборите?
Илир Мета: „Мислам дека граѓаните на Косово искажаа политичка зрелост и одлучност на локалните избори, а ЕУ и ОБСЕ успешно го извршија својот дел од работата на терен. Косовските институции исто така успешно ги извршија своите задачи околу организацијата на изборите, кои се исклучително важни за иднината на Косово. Мислам дека изолираните и неприфатливи инциденти во северниот дел од Митровица не можат да го загрозат дијалогот меѓу Косово и Србија, зашто двете страни се изјаснија за продолжување на преговорите и европска перспектива. Ние се залагаме за решенија кои произлегуваат од дијалог и се надеваме дека надлежните институции ќе ги изведат пред лицето на правдата оние поединци кои сакаат да го загрозат спроведувањето на Бриселскиот договор, како и мирот и стабилноста во регионот“.
Каква е улогата на Албанија во процесот на нормализацијата на односите меѓу Косово и Србија и како Вие како искусен политичар можете да придонесете кон тој процес?
Улогата на Албанија се огледа во тоа да го поттикнува посредувањето на ЕУ и дијалогот меѓу Косово и Србија. Во тој контекст, сметаме дека најновата средба меѓу премиерите Хашим Тачи и Ивица Дачиќ, со посредство на Кетрин Ештон, беше многу успешна и значајна. Албанија е подготвена, низ соработка со Србија и со Косово на билатерален и регионален план, да пружи помош во пронаоѓањето долгорочни решенија. Но, Белград и Приштина треба да преземат конкретни чекори за целосно спроведување на договорот. Ние ќе продолжиме со продлабочување на соработката со Србија, како и на процесот на натамошно признавање на Косово, за новата држава да добие место кое го заслужува во меѓународната заедница. Уверени сме дека европската перспектива е најдобриот пат кој обезбедува сигурна иднина за граѓаните на двете држави и на целиот регион“.
Балканот и натаму страда од последиците на минатото, што се разбира ги оптоварува и односите меѓу земјите од регионот. Како Вие гледате на тие односи?
„Верувам дека земјите од нашиот регион ги оставија зад себе конфликтите од минатото и дека се свртоја кон процесот на евро-атлантската интеграција. Мислам дека остваривме голем напредок во продлабочувањето на регионалната интеграција. На состаноците кои ги имаме со политичките претставници на Албанците во регионот, ние ја поддржуваме идејата тие да бидат фактор на интеграција во земјите во кои живеат“.
Деновиве во Албанија престојуваше грчкиот претседател Каролос Папуљас. Меѓу вашите две земји и натаму постои голем број проблеми, како законот за некогашната војна, прашањето за малцинствата...Дали може да се рече дека односите меѓу Атина и Тирана не се на добро ниво?
„Не го делам тоа мислење. Албанија и Грција ги врзуваат заедничкото минато и пријателството меѓу двата народа. Токму поради тоа ние бевме отворени во разговорите за решавање на проблемите меѓу двете држави. На состанокот со претседателот Папуљас се согласивме дека започна нова фаза во односите меѓу Албанија и Грција и дека за отворените прашања од минатото се бараат конструктивни решенија. Мислам дека односите меѓу двете земји се многу добри, а по успешната посета на господинот Папуљас, тие ќе продолжат да се развиваат во позитивен правец и во иднина“.