1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Израелската влада ќе гради нова населба на Западниот Брег

Александар Методијев/афп/миа26 декември 2013

Израел следнава недела ќе објави план за нова населба, што ќе се случи во исто време со ослободувањето на трета група палестински затвореници, што е дел од мировните разговори, објави анонимен израелски функционер.

https://p.dw.com/p/1AgyV
Фотографија: Reuters

„Израелската влада ќе објави тендери за изградба на нова населба на Западниот Брег и во Источен Ерусалим, што ќе коинцидира со ослободувањето на третата група палестински затвореници“, изјави анонимниот функционер.

И двете претходни ослободувања на палестински затвореници, кои се случија во август и октомври, беа проследени со израелски објави за нови градби на територијата која Палестинците ја сакаат за својата идна држава, што кај нив предизвика гнев. Се оценува дека израелската влада во текот на претходните две фази на ослободување на Палестинци ги објавуваше плановите за изградба со цел да го намали противењето на домашната јавност.

Новиот чекор неизбежно ќе резултира со меѓународна осуда и закана по мировните преговори со Палестинците. Различни израелски телевизии, повикувајќи се на свои извори во кабинетот на премиерот Бенјамин Нетанјаху (во средината на насловната фотографија), информираат дека „масовната изградба“ на „од 1.000 до 2.000 нови живеалишта“ ќе биде објавена од самиот премиер.

Палестинскиот претставник Васил Абу Јусуф изјави дека очекуваните најави покажуваат дека Израел не е сериозен во напорите да се склучи мир.