Израел ќе се прогласи за „Еврејска држава“
19 мај 2014Најавата на Нетанјаху се очекува да предизвика жестоки реакции во арапскиот свет. Околу 20 проценти од жителите на Израел се Арапи, дел муслимани, а дел христијани. Според предлогот на Нетанјаху, кој за првпат беше обелоденет на почетокот на месецов по подолги дискусии, дефиницијата ќе биде имплементирана на уставно ниво.
„Ќе донесеме Основен закон кој ќе го дефинира Израел како еврејска и демократска држава во рамките на актуелното парламентарно заседание“, изјавил Нетанјаху за време на состанок на неговата партија Ликуд.
Иако Израел нема Устав, уставните решенија се дефинираат со т.н. Основни закони. „Ова е нашиот одговор на оние кои сакаат да не’ изолираат и на оние кои го сметаат формирањето на еврејската држава за катастрофа“, порача Нетанјаху.
Палестинците го нарекуваат формирањето на државата Израел во 1948 година - Накба или катастрофа, затоа што доведе до протерување на стотици илјади Арапи од нивните домови.
Палестинците стравуваат дека, доколку Израел и формално биде дефиниран како еврејска држава, тие бегалци и нивните наследници никогаш нема да можат да се вратат во своите домови.
На последните преговори, израелските претставници бараа од палестинскиот претседател Махмуд Абас да го признае Израел како еврејска држава, што тој го одби.
Радикалните израелски националисти веќе подолго време бараат појасно дефинирање на државата како „еврејска“. Арапските жители стравуваат дека тоа само ќе води кон нивна натамошна маргинализација, покрај постојните поплаки за институционална дискриминација.