Израел тагува за Шарон
13 јануари 2014На комеморацијата пред израелскиот парламент, Кнесетот, присуствуваа израелски официјални претставници, но и странски гости, како американскиот потпретседател Џозеф Бајден, германскиот министер за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмајер и поранешниот британски премиер Тони Блер.
Израелскиот претседател Шимон Перес, кој го познавал Шарон уште во времето како млад студент, на комеморацијата рече: „Ти беше рамото врз кое почиваше безбедноста на нашиот народ“. Израелскиот премиер Бенјманин Нетанјаху го нарече Шарон „еден од најголемите борци на израелскиот народ и на израелската армија“. Во својот кус говор Џозеф Бајден нагласи дека Шарон бил силна личност, чија ѕвезда водилка била безбедноста на државата Израел и на израелскиот народ.
Шарон денеска беше погребан со воени почести покрај втората сопруга Лили, а од него се поздравија синовите Гилад и Омни, како и началникот на Генералштабот на израелската армија Бени Ганц.
Ариел Шарон почина на 11 јануари. Од 2006 година тој беше во кома по преживеан мозочен удар.