Израел спречил пратка на ирански ракети за Појасот Газа
5 март 2014Специјалните сили на израелската морнарица, запреле брод во Црвеното Море, што пренесувал иранско оружје за Појасот Газа, соопшти Министерството за одбрана на Израел.
Во соопштението се вели дека бродот што пловел под знамето на Панама, бил запрен на отворено море, за да биде претресен.
На бродот потоа се искачиле припадниците на израелските поморски сили кои во неговата внатрешност нашле големо количество оружје, произведено во Иран.
Во пратката со оружје што, според израелското министерство, била наменето за Газа, најмногу има ракети.
Израелците потоа го заплениле бродот и сега го носат кон израелскиот брег, за натамошно испитување. Израел од поодамна ги обвинува милитантните исламистички групи дека се продолжена рака на Техеран, од каде добиваат финансиски средства и вооружување.
Откако Хамас ги протера припадниците на Фатах, по кусата меѓупалестинска борба за превласт во Газа, од овој појас, сместен меѓу Египет, Израел и Медитеранот, повремено се ракетираат јужните делови на Израел и населбите во тој дел од државата. Покрај Хамас и други палестински радикални групи имаат свои бази во Појасот Газа.