Израел со закана, Јордан со укажување за Газа
10 август 2014„Израел нема да преговара под оган“, рече Нетанјаху за време на неделниот состанок со неговиот кабинет во Тел Авив. „Операцијата ќе продолжи до постигнување на целта – враќање на мирот на долг рок“, нагласи Нетанјаху потсетувајќи дека уште од почетокот на операцијата посочил дека за неа е потребно време и трпение.
Во меѓувреме, денеска (10.08) од Јордан пристигна порака на адреса на израелската влада. Кралот Абдула Втори го предупреди Израел дека ќе ја постигне безбедноста за својот народ само преку мировен договор со Палестинците, кој ќе доведе до формирање на нивна сопствена држава.
Забелешката на Абдула доаѓа преку интервјуто објавено во независниот весник „Ал-Гхад“, откако се покажа дека бројот на жртвите од воздушните напади во Газа расте, а надежта за осигурување на примирјето паѓа. Во едномесечниот конфликт загинаа околу 2.000 Палестинци и 67 лица на израелска страна. Според јорданскиот крал, „Израел е одговорен за агресијата во Појасот“.