1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Израел се заканува со натамошни напади во Појасот Газа

СН/ат/афп/миа/дпа/ртр29 јуни 2014

Израелски претставници по нападите врз Појасот Газа кои беа реакција на ракетирањето на израелска територија од оваа палестинска област, се заканија со нови бомбардирања.

https://p.dw.com/p/1CSHE
Фотографија: Reuters

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху се закани со проширување на нападите врз Појасот Газа. За време на неделната седница на владиниот кабинет во Ерусалим тој изјави дека како реакција на ракетните напади врз неговата земја, израелската армија за време на викендот нападнала голем број цели во Газа. Во саботата ракета испукана од Појасот Газа погоди фабрика во јужноизраелскиот град Сдерот и предизвика пожар. Притоа полесно беа повредени три лица. Тензиите меѓу Израел и Палестинците се зголемија откако тројца израелски младинци беа киднапирани на Западниот Брег. Израелската влада одговорноста за грабнувањето му ја препишува на радикалното палестинско движење Хамас, кое владее со Појасот Газа и е вклучено во новата влада на национално единство на Палестинците.

Најновата ескалација на насилствата долж израелската гранцица со Појасот Газа, би требало да го поттикне Израел да размисли за повторна окупација на оваа палестинска територија долж Средоземното Море, изјави пак денеска израелскиот министер за надворешни работи Авигдор Либерман.

„Мораме да решиме дали ќе одиме на алтернатива што ќе вклучи целосно освојување на Појасот Газа. Видовме дека органичените воени операции само го потикнуваат Хамас, така што алтернативниот избор е сосема јасен“, порача Либерман.