Израел подготвува копнена офанзива
10 јули 2014„Армијата е подготвена за сите можности. Операцијата ќе биде проширена и продолжена, се‘ додека не престане ракетирањето врз нашите градови и повторно не се врати мир“, изјави премиерот Бенјамин Нетанјаху по седницата на националниот Совет за безбедност. Уште вчера (9.07) армијата доби наредба за мобилизација на резервисти, до 40.000.
Според информациите на дописникот на германскиот јавен сервис, првата ТВ програма АРД, Рихард Шнајдер, Израел ќе ја премести 3. бригада на границата кон Појасот Газа. Овие војници веќе беа ангажирани во осумдневната операција во Газа во 2008 година. Според дописникот на АРД, копнената офанзива би можела да почне уште на викендот.
Се чини дека не е исклучена ни нова окупација на Појасот Газа.
„Без оглед на фактот што тоа може да биде тешко и скапо, ќе мораме да го заземеме Појасот Газа, веројатно на неколку недели, за да го прекинеме јакнењето на оваа терористичка армија“, изјави министерот задолжен за тајните служби, Јувал Стајниц за Радио Израел. Израел се повлече од Појасот Газа во 2005 година.
Над 60 загинати во Појасот Газа од вторникот досега
Од почетокот на израелската офанзива против цели во Појасот Газа во вторникот, според информации од Министерството за здравство во Газа, загинале најмалку 68 луѓе, а се ранети над 400, од кои две третини се цивили. Во денешните утрински часови во израелски воздушен напад врз Кан Јунис во Појасот Газа, според болнички информации, загинале седум цивили.
Радикалните палестински групи со голем интензитет испалуваат ракети врз Израел. Повторно се употребуваат и ракети со долг дострел, кои стигнуваат длабоко во израелската територија и принудуваат засолниште да бараат десетици илјади луѓе. Засега нема извештаи за загинати или ранети во Израел. Ноќеска, како што тврди израелската армија, екстремистите испалиле три ракети врз единствената нуклеарка во земјата, во Димона, која се наоѓа на околу 70 километри јужно од Појасот Газа. Едната ракета била пресретната од системот за противракетна одбрана, а другите две завршиле на отворен простор, без да предизвикаат штети, соопшти армиски портпарол.
Претседателот на Палестинците Махмуд Абас, со оглед на растечкиот број на цивилни жртви, го обвини Израел за геноцид. Во телевизиски говор тој зборуваше за „невидена брутална агресија“ во Појасот Газа. Тој истовремено ја доведе во прашање вистинската желба на Израел за мир со Палестинците.
Советот за безбедност на ОН свика седница
Поради ескалацијата, Советот за безбедност на ОН свика вонредна седница која треба да се одржи денеска, како што соопшти претставник на ротирачкиот претседавач, Руанда, преку Твитер. Претходно ваква седница побарале повеќе арапски и исламски држави. Советот за безбедност мора да биде на висина на својата задача, да ја преземе одговорноста за светскиот мир и да ја запре израелската агресија против палестинското население во Појасот Газа, побара амбасадорот на автономните власти во Појасот Газа, Ријад Мансур.
Меѓународни мировни напори
Египет, кој порано во повеќе наврати посредуваше меѓу Израел и Палестинците, сигнализираше дека е во контакт со сите страни. Се работи за тоа да се избегне израелска воена акција против палестинскиот народ, соопшти кабинетот на претседателот Абдел Фатах ал Сиси, без да наведува детали.
Германската канцеларка Ангела Меркел се вклучи во меѓународните напори за мировно решение. Меркел во телефонски разговор со Бенјамин Нетанјаху остро ги осудила ракетните напади врз Израел, соопшти владин портпарол. Нетанјаху вчера за најновиот развој на ситуацијата во Појасот Газа разговарал и со американскиот министер за надворешни работи Џон Кери и со генералниот секретар на ОН, Бан Ки Мун.
ЕУ и САД предупредија од натамошна ескалација на насилство и побараа воздржаност од страните во конфликтот.
Повод за најновото распламтување на насилството беше киднапирањето и убиството на тројца израелски ученици во Западниот Брег, како и убиството на палестинско момче во Источен Ерусалим, што следеше најверојатно од одмазда.