1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Израел му оддава почит на Ариел Шарон

СН/жа/афп/ртр/дпа12 јануари 2014

Посмртните останки на поранешиот израелски премиер Ариел Шарон денеска се изложени во парламентот во Ерусалим- Кнесетот. Државната комеморативна церемонија и погребот со воени почести се најавени за в понеделник.

https://p.dw.com/p/1ApG2
Фотографија: AP

Израелското армиско радио соопшти дека јавноста денеска добива можност да се прости и да му оддаде почит на поранешниот премиер и армиски генерал чие тело е изложено во Кнесетот.

Израелската влада соопшти дека утре (13.01.2014) ќе организира држава комеморативна церемонија за Ариел Шарон во парламентот во Ерусалим, на која очекува присуство на голем број светски лидери. Притоа се предвидени обраќања на израелскиот претседател Шимон Перес и на премиерот Бенјамин Нетанјаху како и на членови на семејството на Шарон. На церемонијата САД ќе бидат претставени од потпретседателот Џо Бајден, а Германија од министерот за надворешни работи, Франк Валтер Штајнмајер, соопшти кабинетот на премиерот Нетанјаху. На церемонијата се очекува да присуствуваат и специјалниот пратеник за Блискиот Исток, Тони Блер и претседателот на рускиот парламент, Думата, Сергеј Наришкин.

По церемонијата во Кнесетот ковчегот со посмртните останки на Шарон треба да биде одвезен во пустината Негев во јужниот дел на земјата. Таму утре попладне е планиран погребот со воени почести.

Шарон изразил желба да биде погребан покрај неговата сопруга, која почина во 2000. година од рак. Таа е погребана крај семејната вила на еден рид во јужниот дел на Израел.

Шарон почина вчера на 85-годишна возраст во болницата во близина на Тел Авив каде осум години мина во кома. Во 2006. година тој доживеа мозочен удар. Политичари од целиот свет, меѓу нив и германската канцеларка Ангела Меркел, му одадоа почит на израелскиот политичар означувајќи го како најважен архитект на земјата. Поранешниот американски претседател Бил Клинтон истакна дека му било чест да соработува со Шарон. Наспроти тоа Палестинците го означија како криминалец и порачаа дека неговото име секогаш ќе биде поврзано со болка, крв измачување и протерување.