1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Израел и Хамас се согласија на кус прекин на огнот

БГ/афп/миа17 јули 2014

Двете страни во конфликтот се согласија на повеќечасовен прекин на огнот прифаќајќи ја на тој начин иницијативата на ОН. Во текот на ноќта се случија нови напади од двете страни.

https://p.dw.com/p/1CeKA
Фотографија: Reuters

Израелската армија ќе ги прекине бомбардирањата на Појасот Газа денеска во период од пет часа, соопшти синоќа армиски претставник. Првично беше најавен шестчасовен прекин на нападите. Прекинот на нападите ќе почне во 9 часот по средноевропско време и ќе заврши во 14 часот. Армијата на тој начин отвора „хуманитарен прозорец“, што ќе им овозможи на жителите на Појасот Газа да се снабдат со неопходните продукти.

Во пресрет на најавениот прекин на огнот, непријателствата меѓу Израел и Хамас продолжија во текот на ноќта со несмалено темпо. По 10 дена од почетокот на израелските напади врз Газа, најмалку 227 луѓе ги загубиле животите, а над 1.600 се повредени. Групите за човекови права проценуваат дека околу 80 проценти од жртвите се цивили.

Американскиот претседател Барак Обама изјави дека САД ќе ги искористат своите дипломатски ресурси и односи за да обезбедат договор за прекин на огнот и крај на насилствата меѓу Израел и Хамас во Појасот Газа. Обама истакна дека САД ги поддржуваат напорите на Египет за повторен прекин на огнот и дека работат со своите партнери во регионот на тоа прашање во изминатите 24 часа. Според Обама, Израел има право да се брани од ракетните напади.

Во денешното обраќање од Белата куќа, Обама, исто така, изрази загриженост поради смртта на цивили во Газа и ја истакна потребата од нивна заштита, како и од избегнување на дополнителна ескалација на конфликтот.