020709 Reax Amnesty Gaza
3 јули 2009Портпарол на израелската армија оцени дека извештајот на Амнести интернешенел бил неурамнотежен и дека не ги земал предвид деветгодишните ракетирања на Хамас врз Јужен Израел. Освен тоа, Хамас го користи палестинското цивилно население како жив штит. Слична е реакцијата на портпаролот на владата, Марк Регев:
„Израел презеде се’ што беше можно за да го држи цивилното население надвор од конфликтот. Се обидовме да оперираме како хирурзи и во најтешките воени ситуации. Тоа не може да се каже за стратегијата на Хамас. Тие испалуваа ракети од џамии и криеја експлозив во училишта.“
На ваквиот приговор одговори раководителката на истражувачката комисија на Амнести, Донатела Ровера:
„Не најдовме ниту еден Палестинец кој би ни дал изјава дека бил користен како жив штит од страна на Хамас, но најдовме повеќемина такви кои ни рекоа дека биле злоупотребени на тој начин од израелските сили.“
Амнести останува на тврдењата
Амнести обвинува дека израелската армија во офанзивата од 22 дена убила повеќе стотици цивили, меѓу кои и 300 деца. На повеќемина ранети лица им го попречила пружањето медицинска помош. Исто така армијата намерно уништувала инфраструктурни објекти во Појасот Газа. Организацијата меѓутоа го критикува и радикалниот Хамас:
„Сите ракети што Хамас и другите оружени групи ги истрелаа се воено злосторство, бидејќи станува збор за напади што не бираат цел.“
Хамас ги отфрла обвинувањата
Портпаролот на Хамас, Фавзи Бархум ги отфрли ваквите обвинувања:
„Извештајот ги става на исто рамниште сторителите и жртвите. Не може на еден народ да му се одземе меѓународното право да се бори против окупацијата.“
Амнести бара од Израел и од меѓународната заедница да ја поддржат работата на независната комисија на ОН, која треба да ги испита воените злосторства од времето на војната во Појасот Газа.
Автор: Бетина Маркс/ Горан Чутаноски
Редактор: Жана Ацеска