1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Израел и улогата на радикалните еврејски доселеници

Керстен Книп/ Симе Недевски4 јули 2014

Радикално-екстремистичките еврејски доселеници им го отежнуваат животот на Палестинците а истовремено драматично го ограничуваат просторот за дејствување на израелската влада, предупредуваат експертите.

https://p.dw.com/p/1CVL8
Фотографија: AP

Запалени и урнати стебла на маслинки насекаде каде што достига погледот. Уништени возила на земјоделци, напади врз минувачи. Во регионот на Западниот Брег се редат напади на екстремните еврејски доселеници врз Палестинците. Само во минатата година Обединетите нации забележаа 399 вакви напади. Една од најпознатите и најекстремни милитантни организација на еврејските доселеници е „Ридска младина“, наречена по стратегијата за населување на врвови на ридовите длабоко во палестинските територии кои потоа агресивно се бранат.

Насилство со традиција

Ваквиот вид насилство не е со нов датум. Уште во осумдесетите години на минатиот век групацијата „Еврејско подземје“ извршуваше атентати врз арапските жители на Западниот Брег, кој денес е палестинска автономна област. Мрачна кулминација на ваквото насилство беше масакрот во Ибрахимовата џамија во Хеброн во 1984. година. кога екстремно религиозниот еврејски доселеник од САД Барух Голдстајн со автоматско оружје застрела 29 верници среде молитва. Меѓу доселениците на окупираното подрачје на Западниот Брег како екстремно насилни важат само околу илјада луѓе. Но оваа групација е многу гласна и влијателна во спроведувањето на своите политички и стратешки цели. Многу доселеници дополнително се радикализираа и тоа пред сѐ во верска смисла, откако израелската влада во 2005. година се согласи на повлекување од Појасот Газа, при што беа отстранети и сите еврејски населби од оваа истотака палестинска автономна област.

Bildergalerie Israel Konflikte
Фотографија: Reuters

Која е цената на насилството?

„Тие имаат израснато во опкружување во кое им е сугерирано дека можат да прават што ќе посакаат“, вели во разговор за ДВ, рабинот, Арик Ашерман од движењето Рабини за човекови права. Притоа, како што истакнува Ашерман, насилниците уживаат целосна поддршка на делови од израелското општество, „Сето тоа е возможно затоа што насилниците ги заштитуват израелските сили“, Вели Ашерман и притоа додава дека и некои духовно водачи влијаат за распламтување на насилството: „Многу рабини се автори на памфлети полни со омраза и повици на насилство“, заклучува рабинот Ашерман. Во меѓувреме насилството на радикалните еврејски доселеници не е насочено само против Палестинците туку и против припадниците на израелската војска кои ја спроведуваат официјалната политика на израелската држава на Западниот Брег.

Israelische Siedlung Migron
Фотографија: AP

На почетокот на март годинава екстремните доселеници во северниот дел на палестинската автономна област нападнаа еден пункт на израелската војска и ги протераа војниците. Еден месец подоцна една жителка од нелегалните еврејски населби беше уапсена бидејќи одобрувала смртоносни напади врз израелски војници. Во меѓувреме насилството се префрли и на државната територија на Израел каде во вандалски акции се уништува имот на Палестинци. Ваквите акции се извршуваат под заедничко мото „Натпис со цена“ ("Price tag") . Под тоа се подразбира „цената“, која според сфаќањето на екстремните еврејски доселеници, треба да се плати поради тоа што Палестинците живеат на Западниот Брег. Меѓутоа се нема милост ни кон сонародниците кои се спротиставуваат на агресивната доселеничка политика. Најпозната жртва на овој верско-расистички терор е поранешниот израелски премиер Јицак Рабин кој во 1995. година беше убиен од страна на еден екстремен еврејски доселеник на Западниот Брег.

Кога Евреин ќе крене рака врз Евреин

Најголем дел од граѓаните на Израел го осудува насилството на екстремистите. Но критиката дојде многу доцна, смета рабинот Ашерман. „Вниманието на пошироката јавност беше привлечено дури откако екстремистите почна да напаѓаат израелски војници“, вели Ашерман и укажува на еден стар рабински коментар кој гласи: „Немој да мислиш дека раката која удира некого кој не е Евреин, еден ден ќе се колеба да удри и врз Евреи“. И токму тоа се случува, вели Ашерман.

Ultraorthodoxe Juden in Burin 02.02.2013
Фотографија: picture alliance/landov

Израелската влада реагира многу нерешително кога е во прашање насилството на екстремните еврејски доселеници, за да не ги разлути сите влијателни верски екстремисти во составот на владата. Засега се засилена безбедносните мерки на чувствителни позиции на Западниот Брег. Еврејските екстремисти веќе одамна му нанесуваат штета на Израел на меѓународен план. Уште во 2012. година угледниот американски магазин „Форин Афеарс“ побара од израелската влада насилните доселеници да ги смести во категоријата „терористи“ и да ги стави под зајакната контрола. Американското министерство за надворешни работи иницијаторите на акцијата "Price tag" ги внесе во својот редовен извештај за глобалниот тероризам. На тоа остро се спротистави врвот на израелскиот полициски апарат. Долгорочно гледано екстремните еврејски доселеници се пречка за мировниот процес. Нивното насилство го намалува просторот за дејствување и за оние палестински сили кои се залагаат за договор со Израел.