1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Блиски Исток: Уште еден ден молк на оружјето

ЖА/миа/ртре/афп19 август 2014

Израелците и Палестинците и натаму преговараат индиректно околу условите за потрајно примирје. За да се добие на време,се договорија за продолжување на актуелниот молк на оружјето, засега за уште еден ден.

https://p.dw.com/p/1Cwkw
Фотографија: Reuters

Израел и палестинските групации во кои главен збор има исламистичкото движење Хамас доцна ноќта во понеделникот (18.08) договорија продолжување на примирјето во Појасот Газа за уште 24 часа, само неколку минути пред истекот на претходниот 72-часовен прекин на огнот постигнат со посредување на Египет, објавија двете страни.

Договорот е постигнат и покрај тоа што разликите во клучните прашања надвладуваат во настојувањата да се постигне долгорочен договор меѓу Израел и палестинските милитантни групи во Појасот Газа, особено тврдокорните исламисти од Хамас, кои управуваат со Појасот Газа од 2007 година. Договорот е неопходен за да започне обновувањето на Газа, којашто е разорена во борбите коишто започнаа на 8 јули и во кои досега загинаа 2.016 Палестинци, од кои 541 дете и 250 жени, при што се вброени и Палестинците кои им подлегнале на повредите во болници во странство. Ранети се вкупно 10.196 лица, додека Израел официјално потврди дека во изминатиот петнеделен период загинале 64 припадници на неговите сили и тројца израелски цивили.

Непријателствата првпат беа прекинати пред повеќе од една седмица со тридневното примирје издејствувано со посредство на Египет, кое подоцна беше продолжено вкупно за пет дена и истекуваше синоќа (18.08) во 23 часот по средноевропско време.

Палестински функционер кој учествувал во преговорите во Каиро под гаранција за анонимност за новинската агенција Ројтерс изјави дека последното продолжување на примирјето на двете страни ќе им овозможи „завршување на преговорите“. Израелски безбедносен функционер, пак, во Ерусалим изјавил дека „примирјето на барање на Египет ќе биде продолжено за 24 часа за да се овозможат натамошни преговори“.

Висок палестински функционер во Газа пак, изјави дека договор е постигнат за сите прашања кои ги зацрта Египет, освен за две. Прашањата го вклучуваат целосното деблокирање на Газа кон надворешниот свет за да се овозможи доставување стоки.

Прашањата за кои се‘ уше нема договор се однесуваат на барањата на Хамас за отворање на аеродромот и пристаништата во Газа, за што според тврдењата на израелската страна, како што соопштуваат палестински извори, ќе биде разговарано подоцна, откако ќе се реши прашањето на ослободувањето на палестинските затвореници во Израел и ќе бидат предадени телата на двајцата убиени израелски војници кои уште се кај Хамас.